Двајцата лидери ги потврдија блиските врски меѓу двете земји, како и нивната волја за зајакнување и продлабочување на одличната грчко-американска соработка, особено на полето на одбраната и енергетиката, соопштија од кабинетот на грчкиот премиер за телефонскиот разговор што Киријакос Мицотакис го имал вечерва со претседателот на САД Џо Бајден.
Бајден му ја честитал победата на Мицотакис и истакнал дека очекува уште поблиска соработка со новата грчка влада.
За време на разговорот, според кабинетот на Мицотакис, било истакнато „значењето на стратешката соработка меѓу Грција и САД за стабилноста и безбедноста во поширокиот регион на источниот Медитеран“.
Паралелно американскиот претседател ја изразил неговата благодарност „за поддршката што Грција и ја пружи на Украина од самиот почеток и за нејзината улога како сигурен партнер и сојузник во регионот“.