Вo врските, често користиме зборови за кои веруваме дека се јасни, познати и универзални. Ги кажуваме со убедување, очекувајќи нашиот партнер веднаш да нè разбере. Но, зад тие зборови, често стојат различни значења, различни искуства и неискажани очекувања. Затоа зборовите што треба да нè зближат можат да станат причина за недоразбирања, болка и дистанца. Затоа терапевтот и советник Лари Мишел истакна неколку зборови што ги нарекува „најопасни“, кои луѓето во врски често ги користат – но ретко ги објаснуваат целосно.
1. Љубов
Љубовта не е ветување, однесување или решение за сите проблеми. Љубовта не е нешто што го даваме или примаме како подарок.
„Тоа не е размена. Љубовта е фундаментална сила што постои во нас, дури и кога животот е премногу бучен за да ја почувствуваме. Кога се чувствуваме далечно, тоа не значи дека љубовта не постои – туку дека сме ја заборавиле за момент среде секојдневните обврски. Љубовта е секогаш тука. Не бара од нас да ја измислиме, туку да ѝ се вратиме. Наместо да ја користиме како замена за сè што чувствуваме, важно е да кажеме што навистина ни треба – блискост, нежност, разговор, поддршка“, објаснува Мишел за YourTango.
2. Доверба
Довербата не е нешто што можеме да му го дадеме на друго лице, како да предаваме клуч. Тоа е чувство што го имаме во себе кога веруваме во сопствената проценка дека некој е достоен за нашето ангажирање.
Терапевтот истакнува: „Кога некој ќе нè разочара, всушност престануваме да си веруваме дека правилно сме ја процениле таа личност. Довербата тогаш повеќе не е оружје кон кое треба да покажуваме со прст, туку повик да преземеме одговорност за сопствените одлуки. Наместо да велиме „Не ти верувам“, можеме да се прашаме: „Што би ми помогнало да се чувствувам безбедно со оваа личност?“ На овој начин, довербата станува нешто што го градиме одвнатре, а не го очекуваме однадвор.“
3. Безбедност
Луѓето често мислат дека се чувствуваат безбедно кога им е удобно или кога нема конфликт. Но, вистинската емоционална безбедност не е избегнување на непријатното, туку чувство дека можеме да ја кажеме вистината без страв дека ќе бидеме исмејувани, казнети или напуштени.
„Тоа е простор каде што знаеме дека нашите чувства и граници се добредојдени. Понекогаш безбедноста изгледа како јасно „не“, како цврста граница што нè враќа во реалноста. Да се биде безбеден не значи секогаш да се биде во мир, туку да се знае дека дури и во немирите, некој нè гледа, слуша и прифаќа“, вели Мишел.
4. Почитување
Почитувањето не е покорност, молчење или согласност по секоја цена. Тоа значи признавање дека другата личност има право на свои вредности, мислења и избори, дури и кога тие се разликуваат од нашите.
Терапевтот објаснува: „Проблемот се јавува кога едното лице го разбира почитувањето како послушност, а другото како целосна слобода без одговорност. Затоа е важно да не се претпоставува што значи почитување, туку јасно да се каже: „За мене, почитувањето значи да ме слушаш дури и кога не се согласуваш со мене“ и слично. Само тогаш почитувањето станува договор, а не борба за моќ.“
5. Ранливост
Ранливоста не е преоптоварување со емоции или раскажување на секој детаљ од вашиот живот. Тоа не е слабост или покана за сожалување. Ранливоста е свесен избор да споделиме нешто што ни е важно, иако не знаеме како ќе реагира другата личност. Тоа е храброст да бидеме искрени – не затоа што знаеме дека сè ќе испадне добро, туку затоа што сакаме вистина и интимност, тврди Мишел.
„Ранливоста отвора врата кон подлабока врска, но таа е невозможна без чувство на безбедност. Затоа вистинската ранливост се случува кога двајцата луѓе одлучуваат да бидат присутни, отворени и искрени. Значи, ако сакаме подлабоки и поискрени врски, треба да престанеме да претпоставуваме дека зборовите што ги користиме значат исто за сите. Љубовта, довербата, безбедноста, почитта и ранливоста не се само зборови – тие се искуства што треба да се разјаснат, споделат и градат заедно. Само тогаш зборуваме на ист јазик“, заклучи терапевтот.