По еден месец чекање, пристигна биолошката терапија по новата јавна набавка во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија. Пациентие се надеаат дека ова нема да стане пракса.
„Пациентите посебно онколошките не сме баш со некое големо трпение. Тоа е најмногу од фактот што болеста е таква, надежта се тие лекови и таа терапија и постоеше и паника и револт кај пациентите и тоа се гледаше по групите кадешто постојано се пишуваше кога ќе дојде терапијата и кога ќе пристигне. Се случи тоа што се случи јас се надевам дека со зголемениот буџет нема да се случи до крајот на годината повторно, дека ќе има доволно терапија“, вели Ана Марјановиќ од здружение Хема-Онко.
Станува збор за јавна набавка на лекови кои не се на позитивната листа во државата и бара поголема бирократска процедура. Менаџментот уверува дека Клиниката ќе има поголем буџет, но и 7 нови лекови за различен вид на канцер.
„Пациентите благовремено ќе бидат известени од страна на персоналот на УК за радиотерапија и онкологија за кога да дојдат за апликација на терапијата и/или за подигање на таблетарната терапија“, велат од УК Радиотерапија и Онкологија.
Дел од терапијата да се најде на позитивната листа на лекови, побара здружението. Велат дека овие измени ќе бидат во полза на пациентите но и ќе придонесат побрзо да се решават ваквите проблеми кои се јавуваат поради зголемениот број на пациенти. Апелираат да се прават превентивни скрининг програми за да се детектира канцерот во рана фаза.
„Разбирање има, волја за соработка има на високо ниво, меѓутоа административниот дел е нешто што оди многу тешко. За ова да се исправи да се решат сите проблеми бара и промена на закони не само на правилници, реорганизација на начинот на кој што се поднесуваат целата таа поистапка и тоа е нешто што мислам дека ќе треба време да се промени меѓутоа па добрата страна е што првите чекори се направени“, вели Ана Марјановиќ од здружение Хема-Онко.
Од Фонд за здравство за Телма велат дека работат со комисијата за лекови и во брзо време ќе се одлучува дали и кои лекови ќе бидат ставни на позитивната листа,како што бараат пациентите. Еден месец пациентите на Онкологија останаа без дел од терапијата, а криза со лекови имаше и на почетокот на годината. Тогаш надлежните посочија дека решението е во формирање на национален регистар на онколошки пациенти кој треба да даде точен увид во бројот на заболени но и подобро планирање на набавките за тие никогаш да не останат без терапија.