Тестиран воз кој патува со брзина од над 400 километри на час

Германските железници (Дојче Бан) и Сименс го тестираа својот најнов прототип на брз воз, Веларо Ново, по должината на рутата Ерфурт-Лајпциг/Хале, достигнувајќи рекордна брзина од 405 километри на час.

Во средината на возот се наоѓал вагон полн со сензори, влечен од локомотива дизајнирана за такви брзини. Беше забележана брзина од 405 км/ч.

Претходниот рекорд на оваа рута беше 333 км/ч, изјави портпаролката на железницата, пренесува „Билд“.

„Тестните возења ни даваат важни сознанија за реновирањето и одржувањето на брзите линии, како и за техничкиот развој на брзите возови, што е исто така од корист за патниците“, објасни Филип Нагл, раководител на подружницата за железничка инфраструктура DB InfragGo.

Тестот за оптоварување е исто така клучен за „Сименс“ – технологијата е наменета да ги напојува идните генерации возови „Интерцити експрес“ (ICE).

Возот Веларо Ново сè уште не е дел од германскиот железнички систем. Сегашните ICE возови се базираат на постарата серија Веларо.

Речиси сите ICE возови се технички способни да достигнат брзина над 300 км/ч.

Сепак, дотраените пруги, тесните растојанија меѓу станиците и преоптоварената мрежа честопати ги забавуваат возовите, додаде „Билд“.

Брзата линија помеѓу Ерфурт и Лајпциг, отворена во 2015 година, беше дизајнирана за максимална брзина – и според „Дојче Бан“, таа сè уште е во врвна состојба.