Тетката на Вања: Александар ми рече да барам помош од Илон Маск

Со изведување на докази од страна на Обвинителството во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

На денешното судење за двојното убиство на Вања и Панче, сведочеше Маја Спировска, прва братучетка на Зорица, мајката на Вања.

-Сите бевме во паника, сите ја баравме Вања. Имаше колешки од кај Зорица на работа, имаше и инспектори. Гледавме и некои снимки. Таму беше и Гоце. Така констатиравме дека е земена од пред врата, бидејќи на ниту една снимка не се гледаше дека таа излегла од зградата. Гоце во еден момент го откри Цитроенот, тој дојде во дневна и ми кажа. Тој рече дека имаме трага, ми го покажа возилото и ми рече дека го бараат возилото на Панче од Велес по Фејсбук. Ние тогаш мислевме и баравме дали тој можеби е некој педофил или слично, или некој со кој контактирала Вања. Мислам дека имаме некаква трага. Тој не знаеше дека директно е поврзана со Вања, тој мислеше дека тој лично човек дошол и дека ја земал Вања, сводечеше Спировска.

„Имаше еден човек кој гледаше кон зградата, со мобилен телефон и потоа доаѓа кола со БМВ и го зема истиот човек. Но, нам тогаш не ни беше јасно ниту пак се сомневавме дека станува збор за организирано грабнување“, изјави сведокот.

Потенцира дека од почеток, таткото на Вања се однесувал како да била организирано грабната, а во еден момент и рекол: Прати порака на Илон Маск да ја најде преку сателит.

Сведокот потврди дека таткото пратил па ја избришал пораката од вибер групата на родители преку која понудил пари за откуп.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.