Тетовец два пати неделава пријавил напад од бездомно куче, општината бара трпение од граѓаните

– Триесет и едно годишниот Сашко Дамевски изминатава недела два пати се соочил со напад од бездомни кучиња врз неговиот миленик. Вели дека неуспешни биле обидите за поплака во општина Тетово па затоа се одлучил преку медиумите да апелира и да ја сензибилизира локалната власт дека крајно време е да се преземат посеопфатни активности за намалување на нападите од бездомните кучиња.

Тој живее спроти Зелен пазар, па вели иако е маалото им е во поширокото централно подрачје чести се нападите на бездомните кучиња врз луѓето и на граѓани кои шетаат со своите кучиња-миленици. И децата во овој дел од градот не се чувствуваат безбедно.

– Имаме проблем во оваа маало кај што живееме на улица „Маршал Тито“, спроти пазар, со кучињата бездомници. Јас имам куче, мое лично вдомено. Малечко е тоа и исто кога секој ден излегувам нападнат сум, во моментов не сум повреден. Два пати во рок од една недела сум нападнат и сум под стрес. Два пати одам во општина никој не реагира ништо. Нека дојде градоначалникот ќе му го дадам моето куче, нека се прошета самиот и да видиме дали ќе биде нападнат. Не сум дрзок со ова барање, само да дојде да види. Ќе му го дадам моето или ако има негово нека дојде да прошета и нека види ќе биде нападнат, вели Сашко Дамевски.

Веќе подолго време во Тетово нема кој да се справува со бездомните кучиња. На почетокот на мај МИА информираше дека договорената соработка меѓу Општина Тетово и невладина организација веќе е завршена. Тогаш информираа дека завршиле ограничените средства со што се заловиле и третирале 82 кучиња. Од Општина Тетово најавија дека за понатамошните акции и соработки дополнително ќе се разговара.

Неделава само го повторија ставот и побараа трпение од граѓаните. Решение на проблемот не најавија.

– Договорот со здружението Амос Шелтер е успешно завршен. Со него требаше да се заловат 82 бездомни кучиња. Тоа е направено во две одделени акции. Во првата беа заловени 41 бездомно куче, во втората исто толку. Сите знаеме дека се работи за еден проблем којшто не бил сериозно третиран со години и со кој се соочува не само Тетово, туку и целата држава. Ние како Општина Тетово работиме на изнаоѓање на некое долгорочно решение за овој проблем затоа што знаеме дека се потребни и време и финансиски средства. Во меѓувреме бараме трпение од граѓаните но и помош да пријавуваат случаи на истовар на бездомни кучиња од други населени места во нашиот град што знаеме дека во последно време се случува многу често, изјави Милен Вучевска, портпарол.

Во 2022 година во СВР Тетово граѓани пријавиле 59 каснувања и повреди од бездомни кучиња. Во 2023 година до јуни само од триесетина жители на градот Тетово има исти такви пријави.