Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во Клубот на пратениците ќе одржат тет-а-тет средба на која ќе се разговара за иднината на земјата во контекст на евроинтеграциите условени со уставни измени и вклучување на Бугарите во Преамбулата.
Димитар Ковачевски повикува опозициската партија да поддржи уставни измени, додека ВМРО-ДПМНЕ во деновите пред официјалните разговори го повтори ставот дека уставни измени под бугарски диктат нема да има.
Според владиното соопштение од понеделникот на средбата Ковачевски-Мицкоски ќе се разговара пред сѐ за одлуките кои треба да се донесат во Собранието со цел продолжување на европската интеграција на земјата, како и за пристапот на државата, институциите и сите политички чинители во насока на градење и одржување на добрососедски односи со сите наши соседи.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, исто така во понеделникот соопштија дека ставот на партијата е оти уставни измени нема да има, и ова Собрание нема легитимитет за таков чекор.
„Очекуваме Ковачевски да излезе од стегите и заложништвото на ДУИ и да прифати да разговара за периодот што по фактот дека уставните измени нема да го имаат потребното мнозинство“, посочија од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што најави, во меѓувреме Христијан Мицкоски се сретна со пратеничката група и коалицијата, кои потоа излегоа со соопштение реафирмирајќи го ставот дека не поддржуваат уставни измени под овие услови. Беа објавени и фотографии со потписи на сите 44 пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Христијан Мицкоски синоќа од трибина во Прилеп упати апел за национално единство и обединување, како што кажа, „околу најважната работа, а тоа е како да опстоиме како држава и како да почнеме да победуваме така што ќе ги оствариме стратешките ионтереси важни за сите граѓани“. Христијан Мицкоски кажа дека, не постои она што го велат од владата или уставни измени или изолација, туку единствено мора да има зачувување на идентитетот и фер шанса за влез во Европската Унија.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ вчера истакна дека очекува на средбата Ковачевски – Мицкоски да бидат поставени сите прашања со уставните измени, да се разговара околу самиот текст и околу процесот како да се изведат тие најбрзо и наједноставно со цел да ги продолжиме преговорите и да ја отстраниме евентуалната блокада.
„Мислам дека само дијалогот е најдоброто решение и пред да започне процедурата во Собрание, логично е да седнат лидерите на најголемите политички партии, да поразговараат. Владата ќе биде конструктивна и секогаш ќе биде конструктивна“, вели Бојан Маричиќ.
Посочи дека она што е важно е опозицијата да ја сфати својата одговорност во носењето на овие одлуки.
„Тие ја пропуштија таа шанса за НАТО, за Преспанскиот договор, не треба, еве им се дава прилика да не ја пропуштат овој пат, со тоа што овој пат текстот, содржините на измените е далеку, далеку, да речеме е со помала тежина и предизвикува помали проблеми, во однос на тоа што било претходно“, вели Бојан Маричиќ.
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ е дециден доколку не се направат уставните измени, дефинитивно ќе биде испуштена шансата за влез во ЕУ.
Пратеникот Миле Лефков на прес-конференција повтори дека она што е важно е дека уставни измени под диктат нема да има и треба да се размислува што после пропаста на уставните измени.
Предлог-иницијативата за уставни измени е во владина процедура и не се знае кога ќе помине на седница. Откако ќе се случи тоа, иницијативата ќе биде испратена до Собранието со што отпочнува постапката за измена на Уставот. Во рок од 30 дена, предлогот треба да биде ставен на седница. Претседателот на Собранието Талат Џафери, неодамна изјави дека тие 30 дена за разгледување на иницијативата од страна на пратениците може да се искористат за политички разговори.
Работната група на седница одржана пред десетина дена ја усвои Предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување.
Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи. Во Преамбулата после „… бошњачкиот народ“ се додаваат зборовите „бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“, изјави по состанокот претседателката на работната група, Маргарита Цаца Николовска. Втората измена, како што дополни таа, е во делот за дијаспората и во Амандманот 34, кој е заменет со член 49 и Амандманот 2. Во овој Амандман на Уставот на Република Северна Македонија со кој се заменува членот 49 и Амандманот 2, после „… бошњачкиот народ“ исто така се додаваат зборовите „бугарски народ, хрватски, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“.