Џејдон Санчо е на радарот на неговиот поранешен клуб Борусија Дортмунд. Германците наводно се заинтересирани за позајмица до крајот на сезоната, а 23-годишниот Англичанец нема ништо против враќање. Се чека само одлуката на Манчестер Јунајтед, пред се на тренерот Ерик тен Хаг.
За Џејдон Санчо заминувањето би значело крај на исклучително тежок период во Манчестер Јунајтед, во кој од август нема одиграно ниту една минута поради конфликт со тренерот.
Проблемот настана по поразот од 1:3 на „Емирати“ по што Ерик тен Хаг изјави дека Џејдон Санчо не играл поради лошите настапи на тренинзите таа недела. На младиот напаѓач тоа воопшто не му се допадна, па се огласи на социјалните мрежи и изјави дека изјавите на неговиот тренер се целосно „невистинити“. Оттогаш тој нема ниту играно ниту тренирано со првиот тим.
Џејдон Санчо пристигна во Манчестер Јунајтед во 2021 година од Борусија Дортмунд во зделка вредна 85 милиони евра. Англиските медиуми претходно пишуваа дека за неговите услуги се заинтересирани Јувентус и РБ Лајпциг, како и Вест Хем, чиј најголем камен на сопнување е неговата неделна плата од 250.000 фунти.