Денес завршува славењето на државниот празник 23 октомври, а со тоа завршува последната или една од последните големи “преселби на народите” (туристите) оваа година. Одат македонските граѓани секој викенд и во Србија, во “Лидл” во Врање или во Белград, одат и во Бугарија, но тие “гужви” и навалици кои се создаваат за влез/излез во Грција или во Македонија не можат да се мерат со ништо друго. Сите гранични премини кон Грција се “под контрола” на Славчо Богев, началник на Регионалниот Центар за гранични работи ЈУГ. Тој е “најбараниот човек” во Македонија во текот на летните месеци, посебно кога ќе навалат туристи од Србија, Романија и цела Европа и кога на Богородица ќе се направат километарски колони. Оваа година е рекордна вели тој, падна и рекордот од пред короната по бројот на поминати туристи на јужната граница. Во интервју за порталот Во Центар, Славчо Богев одговара на прашањата кои ја интересираат македонската јавност.
Кој е Славчо Богев?
Доктор на науки, професионално вработен во Министерството за внатрешни работи од 2001 година, при што десет години работев како припадник на Специјалната единица – ТИГАР, а потоа, поголем дел од работниот стаж го поминав во граничната полиција, работејќи на неколку работни места. Од 01.07.2022 година, по дадена доверба од министерот Оливер Спасовски, началник сум на Регионалниот центар за гранични работи ЈУГ.
Дали сте вие најбараниот човек во текот на летните месеци?
Согласно утврдениот концепт „Полицијата во служба на граѓаните“, достапноста на полициските службеници за прашањата од граѓаните се едно од обележјата на нашата служба. А имајќи предвид колку граничните процедури се во фокусот на граѓаните особено во сезоната на патувања и летни одмори, достапен сум за сите прашања на граѓаните и на медиумите со цел тие навремено да ја добијат бараната информација. Еве, летово, патниците кои имаа намера да ја преминат границата првенствено се интересираа во кои периоди е најпогодно да се премине границата со цел да избегне гужва. Едно од најпоставуваните прашања беше прашањето за патување на малолетни лица без придружба, при што на граѓаните им беше појаснето дека доколку дете до навршени 14 години, кое е македонски државјанин, патува во странство без придружба од родител или старател, потребно е да поседува согласност за патување во странство со трето лице. Исто така, беа поставувани и други прашања околу преминувањето на границата.
Кои се точно вашите задолженија во МВР?
Како началник на РЦ за ГР ЈУГ одговорен сум за безбедноста на јужната граница, односно ги менаџирам сите процеси со кои се придонесува за безбедна јужна граница, како и предизвиците кои се однесуваат на зелената граница, односно просторот помеѓу граничните премини. Тоа опфаќа спречување на обиди за нелегално минување на границата, криумчарење на мигранти и останатите форми на прекуграничен криминал, а годинава досега само на јужната граница спречивме 9.403 обиди за илегални преминувања, каде бележиме тренд на намалување за речиси 50% на обидите за илегални преминувања во однос на минатата година, додека бројот на криумчарени мигранти е намален за 40%.
Покрај, ова задолженијата опфаќаат и менаџирање на протокот на патници и возила на самите гранични премини, со цел обезбедување на брз проток на патници и возила, а истовремено вршење на ефективна и ефикасна гранична контрола, вклучувајќи ги и безбедносните проверки. Исто така, наша одговорност се и странците кои по било кој основ престојуваат во нашата држава – од контрола на краткорочниот туристички престој, преку одобрување на привремен и постојан престој, како и други обврски согласно Законот за странци и Законот за вработување на странци. Работиме и по останатите приоритети на МВР, како и по посебните оперативни планови и оперативни акции, како што беше неодамнешниот план за „Безбедно лето 2023“.
Колку време сте дел од безбедносните служби и специјалните единици?
Како што споменав, вработен сум од 2001 година, односно имам работно искуство од ефективно работење од околу 23 години, од кои 10 години во Специјалната единица – Тигар.
Колку гранични премини се под ваша контрола?
Во рамки на Регионалниот центар за гранични работи Југ функционираат три гранични премини, и тоа Стар Дојран, Богородица и Меџитлија.
Колку патници поминаа оваа година преку и од Македонија во Грција?
Во периодот од почетокот на оваа година до денес преку македонско-грчката граница поминаа околу 5 милиони патници. Или, споредбено со минатата година, се бележи тренд на зголемување на протокот на патници за околу 60%. Само како илустрација, за време на викенд, од петок до недела, само на Граничниот премин Богородица за време на најголемата фреквенција поминаа 80.000 патници, додека на граничните премини Дојран и Меџитлија по 20.000 патници.
Кога беше најкритично?
Најкритичен е летниот период, односно периодот од 15 јуни до 15 септември, кога е зголемен бројот на патувања и летувања, а особено викендите поточно продолжените викенди, кога петок или понеделник се неработни денови, па македонските државјани ги користат за викенд престој на грчкото приморје. Во таквите денови, особено петок наутро или понеделник навечер, се периодите кога се покритични, имајќи го предвид зголемениот број на патници.
Каква е процедурата кога македонски политичари одат во Грција?
За сите граѓани се постапува според законите на Република Северна Македонија. Така, согласно Законот за гранична контрола и Правилникот за начинот на вршење на граничен надзор и гранични проверки, посебни правила важат за одредени категории на лица. Согласно член 33 од Законот за гранична контрола при извршувањето на граничните проверки, посебни правила важат за шефови на држави и членови на нивната делегација, пилоти и членови на нивниот екипаж, морнари, носители на дипломатски, официјални или службени пасоши и на членови на меѓународни организации, прекугранични работници, малолетници и
иматели на дозволи за локален граничен сообраќај. Согласно Правилникот за начинот на извршување на граничен надзор и гранични проверки, во член 27 се утврдени патниците со посебен ВИП статус: шефови на држави и други лица носители на дипломатски или службени пасоши, како и членови на нивните делегации кои претходно писмено се најавени преку МНР на надлежните полициски служби на граничниот премин, и тие не подлежат на гранични проверки, а безбедносните проверки се вршат во посебен простор – ВИП салон на аеродром, уреден и опремен со потребни технички средства и опрема (рендген уреди, детектори, скенери и слично).
За празникот 8 Септември медиумите објавија дека македонскиот премиер беше на краток одмор во Грција. Што точно правите вие во таква ситуација?
Во случаи кога висок функционер ја преминува границата, од страна на Министерството претходно се доставува допис, по што се преземаат мерки за посебни правила согласно Законот за гранична контрола.
Дали процедурата е различна кога амбасадорката на САД оди во Грција?
Сите носители на дипломатски, официјални или службени пасоши и членови на меѓународни организации, согласно законот, добиваат приоритет при гранични проверки во однос на другите патници. И овој сегмент е регулиран во Правилникот за начинот на извршување на гранични проверки и граничен надзор, во член 45. Имено, носителите на дипломатски, официјални или службени пасоши издадени од надлежни државни органи, како и носители на исправи и документи издадени од меѓународни организации, кои патуваат по службена должност, може да добијат приоритет во однос на другите патници при граничните проверки.
ЗАЕВ НАЈЧЕСТО ЈА МИНУВА ГРАНИЦАТА?
Дали Зоран Заев е политичар кој најчесто ја минува македонско-грчката граница?
Процедурите за преминување на границата на поранешни функционери се исти како и за останатите граѓани, освен доколку некој од патниците не се повика на поинаков статус, за кој, како што веќе споменав, подлежи на посебни правила.
УБИСТВО ВО ХАНИОТИ!?
Имаше убиство во Ханиоти на еден од водачите на кланот Грчец. Се пишуваше дека убијците ја напуштиле Грција преку македонската граница?
Невозможно е лице кое е предмет на потрага, во случајот на меѓународна потрага, да ја премине границата на граничен премин. Во суштина, станува збор за гранични премини на двете страни, односно тоа лице најпрво треба да ја помине грчката, а потоа и македонската граница. Во ваквите случаи, доколку за лицето е издадена меѓународна потрага, системите веднаш реагираат.
Колку пари се вртат во шверцот со мигранти?
Од оперативните сознанија коишто ги имаме, а и податоците што ги добиваме од страна на мигрантите или од приведените криумчари, најчесто за илегален транзит низ територијата на државата, односно од границата со Грција до границата со Србија мигрантите на криумчарите им плаќаат сума од 600 до 1.200 евра. Овие средства завршуваат кај криумчарите, кои имаат различна улога во мрежата на криумчарење на мигранти, па покрај криумчарите, има и соизвршители, помагачи и сл., па за различна улога се добиваат различни средства. Но, благодарение на добрата поставеност, во однос на криумчарењето на мигранти, од вкупно откриените 74 случаи на криумчарење на 734 мигранти, дури 69%, односно 51 случај се откриени од страна на полициски службеници од Регионалниот центар Југ и сите се правно процесуирани.
Кои модели се користат?
Што се однесува до стратегијата на криумчарење, поголеми промени во модусот генерално нема, но ако до минатата година повеќе се користеа камиони и комбиња, сега за криумчарење на мигранти се користат најразлични модели, од возила од средна категорија, па сѐ до моќни брзи и луксузни возила, комбиња, товарни возила… На пример, регистриравме и случај со автобус, но и случај со мотоцикл, во кој, за несреќа на криумчарот, тој беше фатен лично од мене. Сѐ уште е присутно честото менување регистарски ознаки и користење на т.н. „чистачи на патот“ кои имаат задача да внимаваат на движење од полициски патроли и сообраќајна контрола.
Имаше и немили настани кога загина едно лице во Гевгелија?
Справувањето со настани од висок ризик, самото по себе носи ризици. Така, за време на мигрантската криза во 2015/2016 низ територијата на државата контролирано транзитираа околу 1 милион мигранти, а оттогаш до денес спречени се најмалку 300.000 обиди за илегално преминување на грчко – македонската граница. За жал, имаше и немили настани кога лица мигранти беа удрени од возови, беа жртви на струјни удари при криење над вагоните или жртви при сообраќајни несреќи предизвикани од криумчарите. За настанот во Гевгелија од страна на ОЈО за организиран криминал е покренат случај, и додека трае истрагата не би можеле да се споделуваат дополнителни информации.
Колку дрога минува преку границата?
Сузбивањето на прекуграничниот криминал, особено борбата против недозволената трговија со дрога е високо на нашата агенда, а ние како организациска единица заедно со останатите служби во МВР даваме максимум во таа борба и јавноста е постојано информирана за успешните акции и остварените резултати. Кога станува збор за спречување на организираните меѓународни транспорти на дрога преку граница, би потсетил на успешната операција на МВР како резултат на заедничка меѓународна истрага, при што во два наврати беа запленети големи количини на кокаин и марихуана на пристаништето во Солун.
Која акција ја сметате за најуспешна?
Кога би говорел посебно за Регионалниот центар за гранични работи Југ, за време на мојот ангажман како началник, морам да напоменам дека во голема мерка е зголемен процентот на откривачка активност и бројот на откриени кривични дела, при што би сакал да ја истакнам и динамичната соработка со останатите организациски единици во МВР во насока на сузбивање на транс – националниот криминал. Во делот на илегалната миграција и криумчарењето на мигранти посебно би издвоил 2022 како година со зголемена откривачка дејност, а при таа борба со криумчарите беа одземени 16 товарни моторни возила, 77 брзи возила и 1 автобус. Со ист интензитет се продолжи и во 2023 година, а посебно би ја потенцирал заедничката соработка на македонската и грчката полиција во која за само една недела беа спречени два меѓународни транспорти на дрога марихуана на јужната граница, со вкупна вредност од околу 200.000 евра. Токму полициски службеници на граничната полиција од Регионалниот центар Југ покрај граничната линија со Република Грција ги забележаа лицата кои исфрлија две торби преку жичаната ограда на грчка територија, а потоа и самите ја преминаа граничната линија, по што со брза интервенција и соработка со Одделот за криминалистичка полиција и со грчките служби, сторителите веднаш беа фатени.