Експертот за преживување Беар Грилс (48 г.) го снимаше својот нов документарен филм за Channel 4 во Украина со наслов – „Bear Grylls Meets President Zelensky“, а во понеделникот зборуваше за тоа како гостин во ТВ-емисијата „Good morning Britan“.
За време на посетата на Украина, познатиот британски авантурист бил сведок на пустошот предизвикан од руската инвазија, а запознал и луѓе чии животи засекогаш се промениле во виорот на војната.
„Целта на овој документарец е да го запознаеме вистинскиот Володимир Зеленски, да разбереме каков е тој како човек зад политичката сцена и да се обидеме да разбереме како Украина ја преживува оваа војна“, објаснил Грилс, кој разговараше со украинскиот претседател за наводните руски воени злосторства, кои вклучуваат сексуално насилство и присилна депортација на деца.
Зеленски, открива тој, во разговорот му рекол дека војната го научила дека луѓето од различни земји делат исти вредности, а љубовта кон сопствените деца е само една од нив. Од почетокот на руската инвазија, украинскиот претседател е одвоен од семејството, што е најтешко за неговиот 9-годишен син, кој секој ден носи воена униформа, пишува The Telegraph.
Додека го снимал овој документарец, Беар Грилс имал необична анегдота со тимот за обезбедување кој го чува Зеленски дење и ноќе. За да го скрши „мразот“ при нивната прва средба, авантуристот му понудил блок чоколадо „Cadbury“ на Зеленски, на што обезбедувањето на украинскиот претседател веднаш скокнало на нозе да провери што е тоа.
„Мораа да ја одбијат мојата понуда поради страв од обид за труење, односно убиство. Им кажав дека ја разбирам нивната загриженост“, изјавил експертот за преживување, кој за време на неговите авантури често делеше храна со други светски претседатели – еден од нив беше и поранешниот американски претседател Барак Обама, со кого Беар јадеше парчиња лосос уловен во дивината на Алјаска.
Грилс го опиша Зеленски како скромен, приземен и многу фокусиран човек, а неговата посета на тајниот бункер ја спореди со „искуство од филм за Џејмс Бонд“. Покрај тоа, украинскиот претседател го потсетувал и на Винстон Черчил.
„Зеленски го има истото чувство за судбина како и британскиот воен водач“, кажал тој.