ТИЕ СЕ НАЈГОЛЕМИТЕ ПОБЕДНИЦИ ОД ВОЈНАТА ВО УКРАИНА – Заштедија речиси три милијарди долари поради западните санкции кон Русија

Со увоз на евтина руска нафта, Индија заштеди приближно 2,7 милијарди долари во првите девет месеци од оваа година, пресмета медиумската агенција Reuters врз основа на владините податоци. Индија е трет најголем увозник и потрошувач на нафта во светот, со околу една третина од вкупната вредност на нејзиниот увоз.

Годинава ја замени Европа како најголем купувач на руска сурова нафта испорачана по море, откако Запад воведе санкции кон Русија по влегувањето на руските трупи во Украина.

Пристапот до евтина руска нафта и овозможи на Индија да го намали увозот од Блискиот Исток, каде што цените се зголемија откако Саудиска Арабија го намали снабдувањето заедно со другите членки на ОПЕК (Организација на земјите извознички на нафта) и нивните сојузници за да го стабилизираат пазарот.

Во деветте месеци до септември, Индија купила 69,06 милиони метрички тони руска нафта, што е еквивалентно на 1,85 милиони барели дневно, вклучувајќи ја и руската нафта увезена преку Јужна Кореја, Грција и Шпанија, покажуваат податоците на Министерството за трговија на Индија во кој имал увид Reuters.

Премиерот на Индија, Нарендра Моди

Во тој период, просечната цена на руската нафта испорачана до индиските рафинерии беше 525,60 долари за тон, вклучувајќи ги трошоците за испорака и осигурување, покажаа пресметките на Reuters врз основа на податоците на Министерството за трговија на Индија.

Просечната цена на нафтата, која по квалитет е слична на рускиот Урал, во истиот период изнесува 564,46 долари за тон. Тоа значи дека Индија заштедила 2,7 милијарди долари со купување на руска нафта, покажаа пресметките.

Така Русија стана нејзин најголем снабдувач на нафта, поместувајќи го Ирак на второто место. а Саудиска Арабија падна на третото место.

Кина, најголемиот увозник на нафта во светот, заштеди речиси 10 милијарди долари благодарение на рекордните набавки на нафта од земјите под западни санкции, вклучително и Русија, според пресметките на Reuters.

За разлика од Кина, Индија не купува венецуелска и иранска нафта, потсетува Reuters.

Со увоз на руска нафта, индиските рафинерии ги намалуваат трошоците за суровините, што ги зголеми бруто-маржите за рафинирање и ја ублажи загубата на приходи поради субвенционираните малопродажни цени на горивата.

Рафинериите во државна сопственост не ги менуваат цените на пумпата повеќе од една година, помагајќи ѝ на Владата во нејзините напори да ја спречи високата инфлација. Побарувачката за деривати годинава се зголеми за околу 14 отсто.

војнаИндијаКинанафтаРусијасанкцииУкраина