Виктор Осимен, човекот кој со своите голови му ја донесе шампионската титула на Наполи по 33 години, се најде во центарот на неверојатен скандал.
Виктор Осимен реши да го тужи Наполи поради скандалозна објава на официјалниот профил на клубот на социјалната мрежа Тик Ток.
Имено, актуелниот шампион на Италија објави видео во кое го исмеваат Виктор Осимен поради начинот на кој побара да го изведе пеналот и неговото промашување од белата точка на натпреварот против Болоња.
Видеото брзо стана вирално. Наполи подоцна го збриша, но тоа не ја намали штетата што ја направија.
Поради понижувањето кое го доживеа, Виктор Осимен реши да го тужи својот клуб.
„Она што беше објавено на официјалниот Тик Ток профил на Наполи е неприфатливо. Клубот на Виктор Осимен јавно го исмејуваше својот играч. Фактот што видеото подоцна беше избришано не го намалува фактот дека тие му нанесоа голема штета на играчот кој во последно време доволно страдаше поради третман со медиумите и лажни вести. Го задржуваме правото да ги преземеме сите чекори за заштита на Виктор Осимен, вклучително и тужба“, изјави агентот на Виктор Осимен, Роберто Календа.
По освојувањето на историскиот трофеј и сезона за паметење, Наполи доживеа голем пад. Лошо изведен преоден рок, очајна атмосфера во тимот, недоверба во новиот тренер Руди Гарсија, малверзации во врска со трансферот и потоа последната капка – скандалот на Тик Ток.
Виктор Осимен нема да им го прости ова, а како што стојат работите тој веќе го „избриша“ Наполи. По скандалот тој ги избриша речиси сите фотографии во дресот на италијанскиот клуб и ги фрли фановите во очај.
Интересно, на денот кога избувна скандалот, се појавија вести дека првиот човек на Наполи, Аурелио Де Лаурентис бил под истрага за финансиски малверзации за време на трансферот на Виктор Осимен од Лил во 2020 година. Случајност ?