Случајот ,,Титаник”, кој го отвори поранешното СЈО, а во кој беа обвинети неколкумина поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, ги ,,преживеа” измените на Кривичниот законик и не застаре, а по направена преквалификација на обвинението, судењето летово ќе продолжи.
Поточно, по шест години од првото рочиште, сега повторно ќе почне од почеток поради смена на судијата. Сепак новината е што наместо еден случај како досега, предметот е поделен на три посебни предмети.
-Откако јавниот обвинител изврши преквалификација на обвинението, судот донесе решение предметот да се раздвои во три посебни предмети, поради ефикасност и економичност на постапката. За сите три предмети веќе се закажани рочишта во текот на месецот, ни изјавија од Кривичниот суд.
Како што дознаваме, поделбата била направена за да се забрза случајот, односно што побрзо да се стигне до пресуда. Во првиот предмет обвинети се поранешните функционери, во вториот двајца административци и во третиот неколкумина полициски службеници.
Иако дел од екс функционерите веќе признаа вина и беа осудени, како Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска… сепак судењето се уште не е завршено за екс премиерот Никола Груевски, Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Илија Димовски и Едмонд Темелко. Сите освен Темелко се гонат за член 165а ,,Злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања”, за што е запретена затворска казна од најмалку 5 години, а Груевски плус и за член 159, за што е предвидена затворска казна од најмалку 3 години затвор. Темелко се гони за членовите 159 и 162.
Случајот „Титаник“ се однесува на кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните избори во 2011 и локалните избори во 2013 година.
За овој случај од самиот старт е задолжена обвинителката Лиле Стефанова, а сега на обвинетите ќе им суди судијката Васка Николовска Масевска.