Лидерот на руската платеничка група Вагнер, Евгениј Пригожин, во четвртокот изјави дека го прекинуваат артилерискиот оган врз Бахмут за да им овозможат на украинските воени сили од другата страна на фронтот безбедно да го покажат градот пред американските новинари кои го посетуваат.
Сепак, Евгениј Пригожин малку подоцна објави дека се „шегува“ и дека тоа не е вистина.
„Луѓе, ова е воен хумор. Хумор, и ништо повеќе… Тоа беше шега“, вели првиот човек на Вагнер во подоцнежната аудио порака објавена на социјалните мрежи.
Вагнер го предводи рускиот напад врз Бахмут од минатото лето, во една од најдолгите и најкрвавите битки во војната, но украинските воени сили досега ги прекинаа нивните обиди да преземат целосна контрола врз градот.
Претходно денеска, во аудио порака, Евгениј Пригожин го објави ова:
„Донесена е одлука да се прекине артилерискиот оган за американските новинари безбедно да го снимат Бахмут и да си одат дома“, вели во аудио порака Евгениј Пригожин, основачот на Вагнер.
Во истата порака, тој ја предупредил украинската страна да не се обидува, под маската на посета на новинари, да внесува дополнителни сили. Медиумската агенција Reuters не можеше веднаш независно да потврди дали Вагнер го запрел или не артилерискиот оган.