Иако многу луѓе веројатно не го знаат тоа, Антарктикот всушност е оаза за карпите кои паѓаат на Земјата од вселената.
Во изминатите 100 години, научниците пронајдоа околу 45.000 метеорити на замрзнатиот континент, но само мал број од нив, само околу 100, се тешки како метеоритот што неодамна беше пронајден. Станува збор за метеорит со тежина од 7,57 килограми.
„Големината на метеоритот не е нужно важна бидејќи дури и микрометеоритите можат да бидат неверојатно научно вредни. Сепак, ретко е да се најде метеорит толку голем“, вели Марија Валдес, научник од Музејот Филд.
Повеќето од вселенските карпи пронајдени на Земјата потекнуваат од астероидниот појас што се наоѓа помеѓу Марс и Јупитер. Научниците веруваат дека и „новиот“ метеорит пристигнал од истиот појас пред неколку десетици илјади години.
Овие вселенски карпи се направени од антички материјали и минерали, а нивното проучување им помага на научниците подобро да го разберат космосот. Тешкиот метеорит е добро сочуван и може да фрли светлина врз многу непознати аспекти од историјата на нашиот Сончев систем.
Интересно е што повеќето од добро сочуваните вселенски карпи се откриени во пустината или на Антарктикот. Експерти од американската вселенска агенција НАСА тврдат дека на ледениот континент има уште 300.000 вселенски карпи кои чекаат да бидат откриени.
Исто така, континуираното движење на глечерите и мразот на Антарктикот го отежнува метеоритот засекогаш да остане скриен под мразот.