Јордан нема да прифати нови палестински бегалци, порача во вторникот кралот Абдула Втори по средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц во Берлин и нагласи дека ниту Египет нема да прима нови бегалци и дека тоа е „црвена линија“.
„Нема да има нови бегалци во Јордан, ниту во Египет“, изјави јорданскиот крал и додаде дека за ова прашање може да зборува во име на соседните земји, пренесува dpa.
„Тоа е црвена линија, бидејќи мислам дека тоа е планот на некои кои сакаат да создадат де факто таква ситуација на теренот“, нагласува тој.
„Конфликтот меѓу палестинската екстремистичка организација Хамас и Израел не смее да се води за туѓ грб“, потенцира јорданскиот крал.
Нападите без преседан на Хамас врз Израел на 7. октомври и израелското бомбардирање во форма на одмазда на Појасот Газа со кој владее Хамас, принудија речиси еден милион од 2,3 милиони жители да се упатат кон Египет, слушајќи го повикот на Израел да се евакуираат за да може да спроведе операција за расчистување на борците на Хамас.
Кралот на Јордан ја истакна важноста од доставување хуманитарна помош за населението во Појасот Газа.
„Хуманитарната ситуација мора да се реши во самата Газа и на Западниот Брег“, вели тој.
„Цивилите мора да бидат заштитени во конфликтот, без разлика на нивната вера и националност“, нагласи Абдула Втори.