Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес го повтори својот став дека не е време да се преговара со Русија, негирајќи дека некој од западните лидери извршил притисок врз него да го стори тоа, вклучително и САД.
Тој потврди дека конфликтот меѓу Израел и милитантниот Хамас го оддалечил вниманието од војната во Украина.
„Сите го знаат мојот став, кој се совпаѓа со позицијата на украинскиот народ. Денеска никој не ме притиска да преговарам, ниту еден од лидерите на ЕУ или САД. Ако седнеме со Русија и разговараме, а притоа дадеме нешто – тоа нема да се случи“, нагласи Володимир Зеленски, пренесува весникот The Guardian.
На прес-конференцијата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, тој додаде дека е јасно оти војната на Блискиот Исток го оттргнала вниманието од војната во Украина.
Претходно, NBC објави, повикувајќи се на еден сегашен и еден поранешен функционер, дека американски и европски претставници разговарале со украинската Влада за можни мировни преговори со Русија, кои би можеле да доведат до крај на војната.
NBC наведе дека разговорите вклучувале многу широки рамки за тоа што Украина би можела да мора да се откаже за да постигне договор со Русија.
Медиумската агенција Reuters пишува дека не може независно да го потврди ова тврдење.
Исто така, американскиот NBC ги цитира американските претставници кои рекле дека до разговорите со Украина дошле поради загриженоста во САД и Европа дека војната дошла во ќор-сокак, но и поради загриженоста на Запад да продолжи да му дава помош на Киев.
Reuters истакнува дека Русија во моментов контролира околу 17,5 отсто од меѓународно признатата територија на Украина.