Во своето прво јавно обраќање од почетокот на војната меѓу Израел и терористичките групи во Појасот Газа поточно Хамас, началникот на Генералштабот на израелската Армија (ИДФ), генерал-полковник Херзи Халеви, призна дека неуспесите на израелската страна овозможиле инфилтрација на Хамас и масовни убиства.
„ИДФ е одговорна за безбедноста на земјата и нејзините граѓани, а во саботата наутро во областа околу Појасот Газа не постапивме правилно. Ќе ги научиме лекциите, ќе спроведеме истрага, но сега е време за војна“, вели Херзи Халеви.
Тој, исто така, вели дека Израел ќе направи се што може за да ги врати заложниците земени од Хамас и други групи.
„Масакарот извршен од терористите убијци на Хамас, човечки животни, убиство на нашите деца, жени и цивили, е животинско, нехумано. Израелската Армија се бори против немилосрдните терористи кои извршиле незамисливи дела“, нагласува Херзи Халеви.
„Јахја Синвар, владетелот на Појасот Газа, го нареди овој ужасен напад, така што тој и сите што ги слушаат неговите наредби се мртви луѓе. Ќе ги нападнеме, ќе ги распарчиме, ќе им го растуриме системот“, вели тој.
Херзи Халеви вели дека ќе дојде време да се испита како Хамас успеал да го изврши нападот.
Херзи Халеви, на прашањето за 200-те Израелци и странци заробени од Хамас и одведени во Појасот Газа, вели дека ќе направи се за да ги врати дома.
„Убиваме многу терористи, многу команданти, ја уништуваме терористичката инфраструктура што го овозможи ова ужасно, брутално злосторство“, продолжува Херзи Халеви.
„Појасот Газа нема да изгледа исто“, заклучува тој.