Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, вели дека војната со Русија е во „нова фаза“, каде се очекува зимата да ги усложни борбите по летната контраофанзива, која не ги постигна посакуваните резултати. Сепак, и покрај неуспесите, тој вели дека Украина нема да се откаже.
„Имаме нова фаза од војната и тоа е факт“, тврди Володимир Зеленски во интервју за AP News во Харков, североисточна Украина и додава: „Зимата е сосема нова фаза на војна“.
На прашањето дали е задоволен од резултатите од контраофанзивата, тој одговори:
„Видете, не се откажуваме, задоволен сум. Се бориме со втората најдобра Армија во светот, задоволен сум“.
Володимир Зеленски потоа сепак додаде:
„Губиме луѓе, не сум задоволен. Не го добивме целото оружје што го сакавме, не можам да бидам задоволен, но не можам премногу да се жалам“.
Володимир Зеленски, исто така, вели дека стравува дека војната меѓу Израел и Хамас се заканува да го засени конфликтот во Украина бидејќи го загрозува протокот на западна воена помош за Киев.
„Не смееме да дозволиме Запад да заборави на војната“, нагласува Володимир Зеленски.
„Украина не го доби целото неопходно оружје од сојузниците. Веќе можеме да ги видиме последиците од пренасочувањето на вниманието на меѓународната заедница поради трагедијата на Блискиот Исток“, вели тој и додава: „Само слепите не го гледаат тоа!“.
Таа промена на фокусот може да доведе до помала економска и воена помош за неговата земја. Во обид да ги смират тие стравови, американските и европските претставници продолжија да го посетуваат Киев по нападите во Израел на 7. октомври.
Неодамнешната анкета на AP News во САД покажа дека речиси половина од Американците мислат дека се троши премногу за Украина. Се поголем број републиканци се против испраќање поголема помош и не е јасно дали и кога барањето на Белата куќа за поголема помош ќе биде одобрено од извршните власти.
На прашањето за тоа, Володимир Зеленски потврди дека Американците, помагајќи и на Украина, си помагаат и самите себеси.
„Во случајот со Украина, ако отпорот пропадне денеска поради недостаток на помош и недостаток на оружје и финансиски средства, тоа ќе значи дека Русија најверојатно ќе ги нападне земјите на НАТО“, тврди тој и заклучува: „И тогаш американските деца ќе се борат“.