Бруталното убиство на малата Вања Ѓорчевска (14 г.) чие тело беше пронајдено на 3. декември во атарот на селото Брезда во периферијата на Скопје по еднонеделна потрага, ја потресе не само Македонија туку и целиот Балкан.
Наодите од обдукцијата конечно стигнаа до обвинителството, но пошироката јавност се уште не знае што стои во тој извештај и кој од петмината осомничени каква улога имал во киднапирањето на девојчето и нејзината смрт.
За овој грозоморен случај зборуваше и познатиот белградски адвокат кој со потекло е од Македонија, Тома Фила, кој смета дека обвинителството прво мора да го утврди мотивот за да го докаже делото.
„Целиот случај го следам од првиот ден. Она што можам да го кажам е дека сега се е на обвинителството и тие мора јасно да утврдат кој е мотивот, бидејќи во спротивно, нема кривично дело. Добро е што сите беа уапсени и што беа разделени, па да дознаеме кој каква улога имал. Сигурен сум дека Турција во најбрз можен рок ќе го екстрадира главниот осомничен Љупчо Палевски – Палчо. На никој не му е потребен убиец!“, вели Тома Фила, а пренесува српскиот весник Kurir.rs.
Според него, само со обдукција може да се утврди дали девојчето е убиено живо или се задушило, па морале да се „ослободат од неа“.
„Гледам дека таткото е осомничен дека наводно ја предал каде се наоѓа својата ќерка. Сите забораваме дека не требал да им кажува на организаторот и на другите кога излегува и каде оди неговото дете, бидејќи секогаш одела на училиште во исто време и по истиот пат. Среќа што сестра и не заминала со неа, бидејќи и таа ќе беше жртва. Осомничените биле очигледно решени да ја киднапираат Вања Ѓорчевска токму тој ден. Кој и да бил во нејзино друштво би бил колатерална штета“, смета искусниот Тома Фила, кој во повеќе наврати има гостувано токму во емисијата „Во Центар“ на новинариот и сопственик на веб-поратлот www.vocentar.com, Васко Ефтов.
Она што најмногу го загрижува Тома Фила како адвокат е што обвинителството се уште нема дефинирано мотив.
Тома Фила исто така се сомнева дека девојчето прво се задушило.
„Како е можно да се работи за киднапирање или изнуда, кога е утврдено дека мајката нема пари, бидејќи не го ни продала станот. Не ми е особено јасно што тргнало наопаку, па пукаа во детето два-три пати. Се сомневам дека девојката се задушила, па биле принудени да ја убијат. Читав дека имале опрема за киднапирање и мислам дека планот не им бил да го убијат детето. Голема задача е обвинителството да докаже каква била нивната намера и како детето завршило мртво“, заклучува Тома Фила.