Томислав Тунтев – директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство поднесе оставка од функцијата.
Оставката била доставена на 27 минатиот месец до Управниот Одбор на АЦВ, во согласност со законските прописи.„Оставката ја поднесов од лични причини. УО на АЦВ на својата седница одржана во четвртокот, на 30 мај 2024 година, во согласност со законските прописи, ја констатираше поднесената оставка и донесе одлука за разрешување од функцијата директор на АЦВ, на мое барање. Со тоа, на 31 мај 2024 година престана мојот работен однос во АЦВ“ – вели Тунтев за „Охридњуз“.
Во согласност со законските одредби, посочува дека продолжува со својот работен однос на работното место во аеродромскиот оператор ТАВ Македонија, кое досега му беше ставено во мирување.
На 29 мај 2024 година на интернет страницата на АЦВ е објавен осврт, за реализираните проекти, активности и достигнувања на АЦВ во периодот од јануари 2019 година до мај 2024 година додека со Агенцијата раковедеше Тунтев.
– Донесен е нов Закон за воздухопловство со законски одредби кои предвидуваат одредени легислативни промени и нови решенија, а значат унапредување на условите за развој на воздухопловните активност. Донесени се Национална програма за безбедност во воздушниот сообраќај, Национален план за постапување во вонредни состојби предизикани од дејствија на незаконско постапување против безбедноста на цивилното воздухопловство, План за имплементација на навигација заснована на перформанси, Одлука за формирање на Национален комитет за безбедност во цивилното воздухопловство, како и повеќе од 70 подзаконски акти (правилници, уредби и оперативни директиви за безбедност) од областа на воздушниот сообраќај – се наведува во Извештајот.
Се посочуваат и големиот број на заеднички инспекциски надзори во цивилното воздухопловство и SAFA инспекции во соработка со цивилните воздухопловни власти на Грција, Србија, Бугарија, Црна Гора, Албанија и Косово, а воспоставена е непосредна, блиска и плодна соработка со сите субјекти и деловни партнери од македонската авиондустрија, како и со цивилните воздухопловни власти на Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Хрватска, Словенија, Романија, Турција, Франција, Јужна Кореја, Сингапур и со Администрацијата за обезбедување во транспортот на САД. Потпишани се и низа билатерални и мултилатерални меморандуми за меѓусебно разбирање и соработка, реализирани десетици развојни проекти.