Сите службени возила ќе бидат означени со специјални регистерски таблички во боја за да се избегне нивна злоупотреба, најави директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски.
„Решивме да имаме посебни обоени табелички, додека на регистарот ќе работиме паралелно во текот на целата година. Ја одобривме регулативата и сега се чека на потпис од министерот за внатрешни работи. Тие посебни регистарски таблички се околу 6.500 за сите возила на целата територија на Македонија“, рече Томовски.
Дополнително, директорот на СОЗР најави дека ќе се постават телефонски линии на кои граѓаните ќе можат да пријават злоупотреба на автомобили, по што потоа ќе се постапува.
Премиерот Христијан Мицкоски пред два месеци предупреди дека Владата од следниот буџет ќе издвои средства за реновирање на паркингот во државните институции.