Три порази, две победи и две нерешени во седум натпревари, тоа е досегашниот учинок на Томас Тухел откако седна на клупата на Баерн Минхен.
Германскиот стручњак го наследи својот сонародник Јулијан Нагелсман на клупата на баварскиот гигант по првенствениот пораз од Баер Леверкузен (2:1) на 19. март, но „шок терапијата“ не се покажа како успешна.
Томас Тухел беше елиминиран од Купот на Германија и Лигата на шампионите, а по денешниот првенствен пораз на гостувањето кај Мајнц, сигурно е дека досегашните резултати не се задоволувачки, а Баерн Минхен е во голема криза.
Во 29. коло во „Мева Арената“ домашната екипа победи со 3:1 по големиот пресврт во остатокот од натпреварот. Гостите поведоа во 29. минута преку Мане, на кого му асистираше Кансело, а претходно во 16. минута голот на Мане беше поништен поради оф-сајт.
Мајнц победи за неполни 15 минути, со што се искачи на шестото место во Бундеслигата. Лудовик Ајорке израмни во 65. минута, потоа Леандро Бареиро погоди за 2:1 во 73. минута, а Арон Мартин ги постави конечните 3:1 .
Баерн Минхен и натаму е водечки тим во Бундеслигата со 59 бодови, но веќе може да биде престигнат од Борусија Дортмунд која има два бода помалку.