Авионот што летал од Кернс до Дарвин, Австралија, морал двапати принудно да слета поради скандалозните тепачки што избиле во авионот .
Четири лица се обвинети за непристојно однесување во авион за време на лет над северна Австралија на 20 април, а за време на една тепачка патниците скршиле и прозорец.
Според полицијата, поради тепачка што избила меѓу патниците, авионот морал да се сврти и да слета назад во Кернс.
Австралиската федерална полиција ја приведе жената и ја обвини за непристојно однесување, напад и непочитување на безбедносните упатства од страна на кабинскиот екипаж.
Авионот потоа полетал по втор пат, но избила уште една тепачка во која учествувале неколку патници. За време на немирите скршен е еден прозорец на авионот, пишува 7NEWS .
На видеото од вториот инцидент се гледа како маж наводно крева шише над главата и со него удира друг патник, објави Дејли Мејл .
Поради паниката која владеела, авионот повторно принудно слетал, овој пат во Алијангул, каде патниците ги пречекала полицијата, а уште три лица се уапсени.
Мажот (23) беше обвинет за загрозување на безбедноста на другите, тежок напад, оштетување на имот, непристојно однесување на јавно место и непочитување на наредбата за семејно насилство.
Жената (23) доби кривична пријава за материјална штета, неред на јавно место и намерно загрозување на безбедноста на другите.
Друг патник (22) доби кривична пријава за комерцијално снабдување со дрога, поседување дрога, попречување на полициски службеник, непристојно однесување и поседување алкохол во забранета зона.