Шампионот во бодибилдинг, Тоше Зафиров, ќе ја промовира својата прва книга насловена ,,Моќта на промените”. Промоцијата ќе се одржи утре (сабота) во Дом на културата Кисела Вода со почеток од 18 часот, и на истата ќе бидат прочитани извадоци од книгата, а Зафиров ќе подели и потпишани примероци.
Пред седум години пак, познатиот бодибилдер ја промовираше својата автобиографија ,,Патот кон врвот” која е дело на професорката Силвана Јорданова, и која била пишувана цели две години. Во неа е опишан животниот пат на Тоше, скромно момче од Неготино, кое чекор по чекор се искачило на врвот.
Тоа беше прва книга за спортист во Македонија, и во неа беше опфатен не само животниот пат на Зафиров, туку и почетоците на бодибилдингот во Македонија. Истата беше продолжение на документарниот филм посветен на Тоше, ,,Никогаш не се откажувај” чија цел беше да се промовира бодибилдингот и да се подигне свеста кај младите да практикуваат здрав начин на живот.
Зафиров во јавноста стана познат како човек којшто три години беше дел од обезбедувањето на Никола Груевски, се до 2008 година, кога се повлече и целосно се посвети на вежбањето. Со бодибилдинг започнал да се занимава уште од својата 16-та година, и до денес, заедно со сопругата Габриела, на Македонија и донесе бројни титули од интернационални натпревари.
Од неодамна и нивната ќерка Ангела тргна по нивните стапки и веќе оствари поголеми успеси на натпревари надвор од државата. На сите свои претставувања, Зафирови секогаш го истакнуваат македонското знаме, а често во позадина, како дел од нивната сценографија, одекнуваат песни од Тоше Проески.