Тошковски: Безбедносната состојба е стабилна, МВР постапува според своите овластувања

Денеска безбедносната состојба е стабилна. Министерството за внатрешни работи постапува според овластувањата што ги има, изјави денеска техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски.

„Според информациите што ги имам од утрото, сите избирачки места се стабилни, отворени. Граѓаните можат да го остварат своето избирачко право во мирна, фер и демократска атмосфера“, рече Тошковски.

Тој денеска упати порака до граѓаните масовно да го остварат своето избирачко право и да не дозволат, како што рече, киднапирање на нивната волја од кој било субјект и на кој било начин.

„Секој граѓанин на државата може да го оствари своето избирачко право и е должен да го оствари своето избирачко право тајно, а зад кутијата никој не може да знае за кого гласате“, потенцира Тошковски.

Тошковски им се заблагодари на новинарите, на нашите меѓународни пријатели и на сите набљудувачи кои ќе го следат овој изборен ден.