Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски деновиве ја предводи делегацијата на Министерството за внатрешни работи во Израел, на покана на компанијата „Елбит системс“, која е долгогодишен партнер во подобрувањето на техничките и безбедносните капацитети на Министерството за внатрешни работи, особено во проектот „Безбеден град“.
„Оваа посета претставува важна можност за размена на искуства и запознавање со најновите технолошки решенија развиени од Elbit за справување со современите безбедносни предизвици. Посебен фокус беше ставен на иновациите во заштитата на границите, урбаната безбедност и борбата против тероризмот, како и можностите за интегрирање на напредните технологии во безбедносниот систем на нашата земја“, нагласи министерот Тошковски.
Тошковски го посети и полицискиот контролен центар во Тел Авив, каде што бил запознаен со функционирањето на нивниот интегриран систем кој користи напредни алатки и автоматизирани процеси за брз одговор на безбедносни инциденти.
„Во рамки на посетата министерот се сретна и со шефот на израелската полиција Рафаел Енгел, генерален директор на израелското Министерство за национална безбедност. На средбата се разговараше за зајакнување на соработката во областа на безбедноста и размена на добри практики во борбата против тероризмот и организираниот криминал. Министерот Тошковски изрази искрено сочувство за жртвите од терористичкиот напад од 7 октомври 2023 година, како и поддршка во сите напори за враќање на заложниците кои се уште не се вратени во своите домови“, се вели во соопштението на МВР.
„На средбата беше истакнато дека Македонија и Израел се две пријателски земји со заедничка посветеност на безбедноста и стабилноста, кои преку размена на знаења, искуства и технолошки решенија можат дополнително да ги унапредат своите безбедносни капацитети. Адресирањето на терористичките закани и зајакнувањето на меѓународната соработка беа меѓу главните теми на разговор, со акцент на потребата од превентивни стратегии и современи технолошки решенија кои обезбедуваат брз и ефикасен одговор во заштитата на граѓаните. Оваа посета претставува уште еден чекор кон зајакнување на партнерството меѓу Македонија и Израел во областа на безбедноста, како и доказ за нашата посветеност за модернизирање на безбедносните структури преку соработка со светските лидери во оваа област“, нагласи министерот Тошковски