Тошковски во посета на СВР Центар и Бит Пазар, во фокусот недостатокот на човечки ресурси, возила и материјално-технички средства

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работни посети на Полициската станица Центар и Полициската станица Бит Пазар кои функционираат во рамките на Единицата за внатрешни работи Центар и Бит Пазар каде одржа состаноци со раководството.

Оваа Единица се соочува со најголем обем на работа на ниво на целата држава имајќи ја предвид структурата на теренот кој го покриваат кадешто се наоѓаат голем број на државни институции, културни објекти и дипломатско-конзуларни претставништва поради што на дневна основа има многу голема фрекфенција на луѓе.

Во однос на вчерашниот изборен ден министерот Тошковски беше информиран дека не се забележани поголеми нарушувања, освен констатирано едно кривично дело каде член на изборната комисија се обидел да гласа за друг. Исто така, беше потенцирано дека за вториот круг потребно е да се зголеми бројот на полициски службеници со цел овозможување на непречено спроведување на изборите.

„СВР Центар и Бит Пазар се соочува со сериозен недостаток на човечки ресурси, како во делот на униформираната полиција така и во делот на инспекторите. ОД аспект на условите за работа во двете полициски станици и опременоста со материјално-технички средства и возила состојбата е алармантна. И покрај овие проблеми, сепак беше потенцирано дека бележат солидни резултати во расчистувањето на кривични дела.“, издвои министерот Тошковски.

Заеднички беше констатирано дека во иднина треба да се размислува за дислокација на Полициската станица Центар во посоодветен објект со подобри просторни услови, со што ќе се овозможи подобро и поефикасно постапување на полициските службеници.