Тошковски: Го потпишавме протоколот за заеднички гранични точки со Косово

Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Панче Тошковски, денеска учествуваше на заедничката меѓувладина седница со Владата на Република Косово, што се одржа во Приштина, јавува Телеграф Македонија.

„На оваа седница беше потпишан протоколот за имплементација на Договорот за заедничките гранични премини Блаце – Хани и Елезит и Јажинце – Глобочица.

Со ова е направен уште еден значаен чекор кон целосна имплементација на концептот „Едношалтерство“ кој ќе овозможи побрз, поедноставен и поефикасен промет на патници и стоки.

Овој систем ќе го скрати времето на чекање на границата и ќе придонесе за подобро поврзување и олеснување на движењето меѓу нашите две земји“, рече министерот Тошковски.

За време на седницата, министерот Тошковски имаше можност да разговара со министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла, при што се разговараше за следните конкретни чекори неопходни за имплементација на „Едношалтерскиот систем“ на овие гранични точки.