Тошковски: Дивоградбите ќе бидат урнати доколку се утврди дека се опасни по животот на граѓаните

Доколку се утврди дека се опасни по животот на граѓаните, тогаш ќе се преземат законски мерки и дивоградбите ќе бидат урнати, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Тој беше прашан што ќе се прави со неовластените градби во Чаир, но и во другите општини во земјата, доколку се утврди дека се изградени без дозвола.

„Секако, ќе постапиме според законот. Доколку се утврди дека станува збор за неовластена градба, доколку се утврди дека претставува опасност по животот на граѓаните, секако дека треба да биде предмет на уривање“, рече Тошковски.

Тој рече дека полицајци вчера влегле во општините Чаир, Сарај и Аеродром, а се очекува истото да го сторат и денес во општина Кисела Вода.