Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска пред новинарите зборуваше за инцидентот на скопскиот аеродром со претседателката на Косово, Вјоса Османи. Тој рече дека секој човек има право да се однесува како што мисли дека треба да се однесува или не треба да се однесува. Тошковски понатаму нагласи дека лицето е суспендирано, а МВР има поднесено кривична пријава.
„Секој човек има право да се однесува како што оценил дека треба да се однесува или не. Секој има право на грешка, но системот не треба. Во овој случај, системот се покажа дека работи, за среќа. Во минатото не функционираше многу често. Системот не може и нема да згреши, а не згреши ниту во овој случај. Лицето во овој случај е суспендирано, МВР за истото поднесе кривична пријава и се надевам дека и Обвинителството ќе го процесуира случајот во рамките на своите овластувања. Се надевам дека Судот ќе го стори истото. Оваа ситуација е веќе решена“, рече Панче Тошковски.
Тој зборуваше и за информации за можна дестабилизација во есенските месеци. На прашањето дали МВР очекува немири оваа есен по најавата на Уставниот суд дека ќе ја преиспита уставноста на законот за употреба на јазиците и реакциите од албанскиот политички блок, Тошковски рече дека МВР ќе одговори на секој предизвик. .
„Министерството за внатрешни работи ќе одговори на секој предизвик што ќе му биде поставен во рамките на своите надлежности. Досега покажавме дека можеме да се соочиме со сите предизвици и соодветно да ги решиме. Така ќе биде и во иднина. Има ли извештаи за немири оваа есен, во однос на протестите – да, имаше извештаи за такви во изминатиот период. Ќе се справиме ли со нив – да!“, рече Тошковски.