Тошковски: Имиграцијата е европски предизвик кој бара европски одговор

Министерот за внатрешни работи Тошковски денеска учествува на седмата министерска конференција во Будимпешта на која беше одобрен Акцискиот план на Будимпештанскиот процес 2025-2030 година. Планот вклучува шест приоритетни цели, вклучително и спречување на нерегуларна имиграција и борба против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе.

Како што посочуваат од МИА, министерот Тошковски во својот говор истакнал дека земјите треба да бидат јасни во својата имиграциска политика и дека имиграцијата е европски предизвик кој бара европски одговор.

„Пактот за азил и имиграција е патот напред за земјите-членки на Унијата, но и за нас, аспирантите кои одвреме-навреме ќе треба да го имплементираме или обезбедиме неговото спроведување“, нагласи министерот Тошковски.

Тошковски изрази надеж дека Будимпештанскиот процес ќе продолжи да расте со почитување на човековите права и заштита на ранливите лица.

Тој оствари билатерални средби со државниот секретар на Швајцарија, Кристијан Шранер Бургенер и со министерот за внатрешни работи на Пакистан, Саџед Мохсин Раза Накви, на кои се разговарало за следните чекори за соработка во борбата против илегалната имиграција.

На маргините на конференцијата, министерот оствари разговор со турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја за зајакнување на соработката.