Истрагата за Кочани не е завршена и можно е да бидат вклучени и полициски службеници. Ова го истакна министерот Панче Тошковски, кој рече дека веќе се поднесени кривични пријави против 7 полицајци, но не прецизираше за кои станува збор, поточно дали има инволвирани одговорни лица.
„Досега се поднесени кривични пријави против 7 полицајци, до сега, до вчера, против 7 полицајци. Можеби во наредниот период ќе имаме и други полицајци кои ќе бидат предмет на истрага. Истрагата не е завршена.
Секој за кој ќе се утврди дека на кој било начин е вмешан во кривично-правниот настан од аспект на исполнување на елементите на конкретното кривично дело ќе одговара соодветно“, рече Тошковски.
Во меѓувреме, групата пратеници на „Левица“ во Собранието поднесе иницијатива за интерпелација до министерот за трагедијата во Кочани.