Страшни се статистиките за сообраќајни прекршоци – за пет дена во Скопје од 5 444 исконтролирани возачи, околу половина, односно во 2 592 случаи, полицијата констатирала прекршок – откри министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
„Речиси секој втор што бил запрен, сторил некаков прекршок. Внимавајте, 195 прекршоци за немање возачка дозвола. Во овие 195 прекршоци, можеби едно лице и два пати е запрено, но факт е дека овие луѓе никогаш немале положено возачки испит. Страшно! Внимавајте, ова е по трагичниот случај , по смртта на Фросина. Алкохолизирани – 19 луѓе управувале моторни возила за овие пет дена. Нерегистрирани, значи тоа возило не поминало на технички преглед, никој не констатирал дека е во состојба за да биде управувано – 50. И внимавајте, 695 луѓе управувале побрзо од дозволена брзина“, објави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тошковски рече дека полицијата ќе продолжи со засилени сообраќајни контроли, но апелира граѓаните да бидат посовесни. Според него, примарната цел на казнувањето не е да се полни буџетот, туку да се почитуваат сообраќајните правила заради поголема безбедност.
– Мораме темелно да навлеземе во проблемот – проблемот со сообраќајната некултура и проблемот со огромниот број човечки жртви. Само во изминативе три години имаме 393. Близу 400 жртви имаме како последница на сообраќајни незгоди. 2024 година бројката е најголема – 142 жртви. Ние мораме системски да видиме што се треба да се стори за на крајот да имаме позитивни резултати. Колку и полициските службеници да бидат на терен, колку и да изрекуваат санкции, тоа е само еден начин како би можело да се влијае за да може да се нормализира сообраќајната култура.
Запрашан дали има систем што може да одговори на ваква сообраќајна некултура, на вакво несоодветно однесување на учесниците во сообраќајот, министерот рече:
– Видете, систем се гради, се создава со работа, со темелни анализи, со интердисциплинарен пристап. Значи, ние не можеме да говориме за сообраќајна култура и за почитување на сообраќајни норми и за подобрување на системот, кога немате градски превоз како што треба во градот Скопје.