Тошкоски: Безбедноста е темелот што гради економски развој

Безбедноста е основата врз која се градат економскиот развој, довербата во институциите и квалитетот на животот на граѓаните. Министерството за внатрешни работи е целосно посветено на процесите на дигитализација, модернизација и транспарентност, со цел да се создаде безбедна средина што ќе одговори на потребите на 21 век.

Ова вчера го истакна министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на отворањето на десеттото јубилејно издание на Самитот за безбедност „Адрија“, кој по вторпат се одржува во Скопје.

Тој додаде дека овој самит претставува значајна регионална платформа која ги обединува сите оние кои се посветени на создавање побезбедни и поотпорни заедници, претставници на институции, експерти, компании, иноватори и професионалци од областа на безбедноста и технологијата.

Тој нагласи дека живееме во време кога безбедноста не се мери само според физичката заштита, туку и според способноста за одговор на нови форми на ризици, од сајбер напади и дигитални закани, до критична инфраструктура, урбана безбедност и управување со податоци.

„Затоа, ваквите настани се од суштинско значење, тие создаваат мост помеѓу јавниот и приватниот сектор, помеѓу државните институции и индустријата, каде што преку размена на знаења и искуства можеме заедно да изградиме поефикасен и посовремен безбедносен систем.“

„Министерството за внатрешни работи постојано ја унапредува соработката со Комората за приватно обезбедување, која е еден од главните партнери во заштитата на јавниот ред и мир и во поддршката на интегриран безбедносен систем и е партнер во организирањето на овој значаен настан“, нагласи Тошковски.