Александар Сорос, четвртото дете на политички ангажираниот милијардер Џорџ Сорос, ја презеде деловната империја на неговиот татко вредна 25 милијарди долари.
Младиот наследник (37 г.) до неодамна беше попознат како вљубеник во бурните забави и изјави дека не сака да го сметаат за мрзлив член на светската златна младина, а сега тој има можност да се докаже како бизнисмен.
Веста дека 92-годишниот милијардер и филантроп ќе му го довери деловното портфолио на својот прв син од вториот брак ги изненади набљудувачите, па веднаш почнаа споредбите со високогледаната американска серија за ривалство „Succession“. Имено, се очекуваше со семејниот концерн да управува неговиот постар син Џонатан (52 г.), третото дете на Џорџ Сорос од првиот брак. Џонатан е извршен директор и основач на инвестициската компанија JS Capital Management, а за очекување беше покрај сопствената успешна компанија да го преземе и управувањето со многу попознатата деловна империја на неговиот татко. Џонатан е познат и како промотор на демократски и прогресивни политики. Исто како и неговиот татко, тој е голем донатор, а меѓу другото работел и во фирмата на неговиот татко.
Сепак, Џорџ Сорос, човекот најомразен од десницата, го избра помладиот син. „Тој не се согласуваше со Џонатан за некои прашања“, објасниl накратко постариот Сорос за The Wall Street Journal. Џонатан ја напушти компанијата на неговиот татко во 2011 година и започна сопствен бизнис за женска спортска облека.
Александар Сорос долго време има репутација на љубител на забава. Неговиот помлад брат Григориј е уметник. Сепак, наследникот на Џорџ Сорос дипломирал на престижниот универзитет Беркли, и со години промовира прогресивни политики, обидувајќи се да изгради посериозен имиџ. Тој ги замени фотографиите на социјалните мрежи на кои пие алкохол со оние на кои се дружи со политичари и активисти, особено во последните години со членови од администрацијата на Барак Обама.
Сега тој ќе претседава со огромна инвестициско-филантропска машина. Сите се прашуваат зошто неговите браќа и сестри не се вклучени во одборот. Во 2014 година за неговиот најстар полубрат Роберт се пишуваше дека минува низ „валкан развод“. Тој ја напуштил компанијата на неговиот татко во 2017 година. Тој отворил своја инвестициска фирма. Андреа, второто дете и единствената ќерка на Џорџ Сорос, е член на одборот на Фондацијата „Отворено Општество“. Григориј, најмладиот син, е скулптор кој не сака да се истакнува во јавноста.
Американските медиуми пишуваа за наследникот уште во 2008 година како син кој се релаксира во куќата на неговиот татко во Саутемптон, пие скапи алкохоли, крстаре со семејниот брод и се дружи со згодни девојки. Тоа беше прв пат да заврши во медиумите. Коментарот на мајката беше: „Добредојдовте во семејството на Сорос“. Овој детал подоцна го кажа самиот Александар за New York Times. Но, многу пред тоа, а и потоа, Александар беше познат како син кој сака да се забавува и кој постојано организира забави со модели. Во 2016 година во медиумите се појави информација дека организира забави на кои има многу пороци.
Арје Нејер, поранешниот претседател на „Отворено Општество“, тврди дека во тоа време Александар присуствувал на состаноците на одборот, но дека ретко зборувал на нив. Поинтересно му било со познати личности од светот на музичката продукција, спортот и манекенството. Често објавуваше заеднички фотографии со познати личности, а неговите пријатели на социјалните мрежи објавуваа фотографии од забави со хаштаг #CampSoros во времето кога студирал историја на Беркли. Се запишал во 2010 година, а дипломирал во 2018 година.
Сепак, тој веќе изјави за The Times во 2012 година дека сака да се ослободи од таквата репутација. Потоа изјавил дека бил шокиран од карикатурата на која е прикажан како плејбој.
Иако продолжи да се забавува во своите 30-ти години, неговите социјални мрежи почнаа да се полнат со фотографии со светски лидери и погласни либерални политичари. Пред две години, тој позираше пред американскиот Конгрес со Чак Шумер, лидерот на демократското мнозинство во Сенатот, кого го нарече „добар пријател“.
Последниве години е се поактивен во семејниот бизнис. Наместо брат му, тој посетувал канцеларии во странски земји. Од декември е претседател на управниот одбор на „Отворено Општество“. Американските медиуми ја истакнуваат и неговата филантропска работа. Тој ја основа Фондацијата „Александар Сорос“ и донираше во цели за социјална правда, често поврзани со избирачките права и родовата еднаквост.
Иако неговиот татко е еден од најпознатите донатори на либералната сцена, Александар тврди дека тој е политички повеќе ангажиран од неговиот татко. Тој има намера, најави, да продолжи да пумпа пари во левицата сè додека „другата партија го прави истото“.
На прашањето зошто е избран за наследник, неговиот татко Џорџ Сорос одговорил: „Затоа што го заслужил тоа“.