Федералните агенти на Соединетите Американски Држави (САД) приведоа припадник на Националната гарда на воздухопловните сили на Масачусетс кој објави доверливи воени документи за војната во Украина, објави AP повикувајќи се на анонимен извор запознаен со ситуацијата.
Видео-снимката која кружи на американските медиуми покажува тешко вооружени полицајци во Масачусетс како придружуваат млад човек во сива маица и светло црвени шорцеви со наведната глава и кратка коса.
„Агентите на ФБИ го приведоа лицето рано попладне без никакви инциденти“, изјави државниот обвинител на САД, Мерик Гарланд.
Водачот на малата група за он-лајн гејминг комуникација во која беа обелоденети голем број доверливи документи на американското разузнавање во изминатите неколку месеци е 21-годишен член на разузнавачкото крило на Националната гарда на Масачусетс, пишува New York Times, повикувајќи се на информации што ги добиле преку интервјуата и прегледаните документи.
Стражарот Џек Тешеира водел приватна група од 20 до 30 луѓе, главно млади мажи и тинејџери, кои биле заинтересирани за пиштоли, расистички шеги и видео игри. Двајца американски функционери потврдија дека истражителите планираат да разговараат со младото момче за објавувањето на владините документи во групата кои подоцна станаа јавно достапни за целиот свет.
Федералните истражители со денови трагаат по лицето кое ги објавило доверливите документи на Интернет, но не го идентификувале конкретно Џек Тешеира или некој друг како осомничен. ФБИ се уште не коментирал овие тврдења.
Да потсетиме, пред неколку месеци еден од корисниците на оваа он-лајн група објави стотици страници со разузнавачки документи на социјалната мрежа Дискорд (Discord), кажувајќи им на другите членови за важноста да се биде во тек со светските настани.
Новинарите на New York Times разговараа со четворица членови на групата наречена „Thug Shaker Central“, од кои еден кажал дека ја познава личноста која ги објавувала доверливи документи најмалку три години по ред. Тој бил опишан како постар член од повеќето од групата и како нивен водач, а еден од членовите на групата кажал дека овој водач имал пристап до разузнавачките документи преку неговата работа.
Тој не е идентификуван по име, но трагата на дигитални докази собрани од New York Times води до лицето Џек Тешеира. Весникот беше во можност да го поврзе ова младо момче со другите членови на групата преку неговиот профил за он-лајн игри. Внатрешните детали од неговата куќа објавени на социјалните мрежи на семејните фотографии, исто така, се совпаѓаат со деталите на маргините на некои фотографии од објавените тајни документи на Пентагон.
New York Times преку објавите на социјалните мрежи и воените досиеја утврди дека Џен Тешеира бил вклучен во 102-то разузнавачко крило на Националната гарда на Масачусетс.
Денес и претседателот на САД, Џо Бајден изјави дека – „САД се се поблиску до изнаоѓање одговор за објавувањето“.
„Во тек е опсежна истрага со разузнавачката заедница и Министерството за правда и тие се поблиску до пробив“, посочи Џо Бајден за време на посетата на Даблин, Ирска.
Веднаш не беше јасно дали младиот припадник на Воздухопловната национална гарда можел да има пристап до толку чувствителни документи на неговата позиција. Официјалните лица во американската Влада често добиваат такви документи по е-пошта, а тие мејлови потоа може автоматски да се препратат до други, вели еден функционер за New York Times.
Мајката на Џек Тешеира, Даун, потврди дека нејзиниот син бил член на Воздушната национална гарда и кажа дека неодамна работел во база на „Кејп Код“. Таа исто така кажала дека нејзиниот син во последните неколку дена го променил и телефонскиот број.
Членовите на помалата група за он-лајн игри „Thug Shaker Central“ изјавија за весникот дека документите за кои разговарале биле наменети да бидат строго информативни. Иако многумина беа загрижени за војната во Украина, членовите на „Thug Shaker Central“ велат дека не се одлучиле ниту за украинската, ниту за руската страна. Документите добија публицитет дури кога тинејџер од групата ги објави на јавен он-лајн форум. А први до овие документи дојдоа руските служби по пат на социјалната мрежа Телеграм а медиум кој прв објави за објавувањето на тајните документи беше токму весникот New York Times.
Лицето што ги објавило документите, велат членовите на „Thug Shaker Central“, не е дојавувач и документите никогаш не требало да го напуштат аголот на Интернет каде што се дружеле.
„Тој беше христијанин, пацифист и само сакаше да им каже на некои од своите пријатели што се случува во светот“, рекол 17-годишниот пријател на тинејџерот кој ги објави документите на јавен форум на Интернет.
„Има луѓе во нашата група кои се во Украина. Ние сакаме да се бориме со видео игри, сакаме воени видео игри но ништо повеќе од тоа“, додал 17-годишното момче за весникот.