Починатиот папа Бенедикт како главна причина за оставката ја наведе несоницата, се наведува во неговото писмо, чија содржина во петокот ја пренесоа германските медиуми.
Од почетокот на неговиот понтификат, Бенедикт речиси „постојано“ бил мачен од несоница, се вели во писмото напишано неколку недели пред неговата смрт на новогодишната ноќ. Во писмото до неговиот биограф Питер Сивалд, до кое дојде германското списание Фокус, Бенедикт вели дека „силните“ таблети што му ги препишал неговиот лекар му овозможиле да ги исполни должностите на Папата.
Тие лекови, сепак, „ги достигнаа своите граници“, рече тој во писмото од 28 октомври минатата година. Несреќата за време на посетата на Мексико и Куба во март 2012 година ја забрза неговата одлука да се повлече. На првото утро од тоа патување, Бенедикт го нашол своето марамче „целосно натопено во крв“.
„Веројатно удрив нешто во бањата и паднав“, пишува Бенедикт во писмото. По тој инцидент, лекарот побарал намалена употреба на апчиња за спиење и инсистирал Бенедикт да учествува само во утринските настани на идните патувања.
Набрзо му стана јасно на Германецот дека ќе може да ги почитува овие медицински ограничувања само за „кратко време“, што го натера да објави дека се повлекува од должноста во 2013 година.
Бенедикт, роден како Џозеф Рацингер, го шокираше светот со својата објава дека станал првиот Папа по речиси шестотини години кој абдицирал. Си ја дал титулата почесен папа и продолжил да живее во Ватикан, покрај неговиот наследник Франциско. Почина последниот ден од 2022 година, ослабен од болеста.