Четири деца го загубија животот во неделата во пожар во стан во српскиот град Нови Пазар, соопштија тамошните власти.
Во станот каде што избувнал пожарот спасувачите откриле четири деца кои најверојатно починале од задушување од јаглерод моноксид, додека мајката и таткото биле пронајдени повредени во соседната соба.
Пожарот е брзо ставен под контрола и изгаснат, а истрагата ќе ги утврдува причините за пожарот и задушувањето на децата, додаваат од Министерството за внатрешни работи на соседна Србија.
Српскиот веб-портал Блиц јавува дека пожарникарите на местото на пожарот пристигнале за четири минути, но веќе било доцна, немало начин како да се спасат децата. Таткото и мајката на децата се во болница, со сериозни изгореници и се во тешка состојба.