Траги од Велибор Манев се пронајдени на сивата лента со која ѝ била залепена устата

14-годишната Вања Ѓорчевска била жива кога било пукано во неа, а обдукцијата не покажала знаци на претходно задушување.

Пукано било од половина метар, од задната страна, понадесно. Според Обвинителството, таа се движела по кал пред да биде убиена, а ликвидацијата се случила додека клечела. Под нејзините нокти била пронајдена кал, а врвовите на патиките покажале стисок во истата кал.

Обдукцијата утврдила дека и Вања и Панче Жежовски претрпеле тешко физичко страдање пред да бидат убиени.

Овие детали се дел од материјалните докази кои Обвинителството ги презентираше на денешното судско рочиште.

Обвинетите Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски, осомничени за грабнување и свирепо убиство на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска, не поднеле никакви докази за своја одбрана. Тие ја признаа вината како соучесници и ја одведоа полицијата до локацијата каде што беа пронајдени телата.

Жежовски бил закопан во дупка длабока 60 сантиметри во Велес, со дијаметар од околу 160 сантиметри, а во близина била пронајдена чаура. Обвинителката приложи и фотографии од мобилниот телефон на Панче, кој бил фрлен во трње, како и фотографии од местото каде што беше пронајдено телото на Вања и од куршумот изваден од нејзината глава.

Извештајот од обдукцијата на Вања покажал присуство на ДНК од неа и од Велибор Манев на лепливата лента која била залепена на нејзината уста. Обдукцијата на Панче Жежовски, пак, утврдила дека неговата смрт била насилна, а тој бил застрелан во главата.

Двете жртви биле застрелани со куршуми со калибар 9 милиметри, произведени во Самоков, Македонски Брод. Овие куршуми биле наменети за повеќе видови оружје – за пиштоли и за полуавтоматски пушки.

На рочиштето реагираше Љупчо Палевски, кој побара од обвинителката да објасни и за церадата во која бил завиткан Панче, тврдејќи дека на неа нема траги или отисоци поврзани со него. Обвинителките нагласија дека во овој дел од процесот само ги изведуваат доказите, а нивната поврзаност ќе ја презентираат понатаму во судската постапка.