Трамп вети крај на војните, но бомбардирањата се зголемија повеќе отколку во четирите години на Бајден

Американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе ги прекине „вечните војни“ на Америка во странство. И покрај неговите предизборни ветувања, Трамп изврши речиси исто толку воздушни напади во првите пет месеци од неговиот втор претседателски мандат колку што изврши неговиот претходник, Џо Бајден, во целиот свој четиригодишен мандат.

Нападите на Трамп против милитантите Хути во Јемен и џихадистите во Сомалија беа поостри од оние на Бајден, а тој нареди и напади во Ирак, Сирија и, неодамна, во Иран.

Иако ја водеше кампањата со ветување дека ќе го прекине вмешаноста на САД во воените конфликти, тој значително ја интензивираше воздушната кампања, според податоците од организацијата ACLED (Armed Conflict Location and Event Data), која ги мапира конфликтите.

Од инаугурацијата, 79-годишникот надгледувал 529 воздушни напади, во споредба со 555 во текот на сите четири години од претходната администрација на Бајден, објавува „Телеграф“.

Сирија, Ирак, Јемен и Сомалија веќе беа цели на претходната администрација, но Трамп отвори нов фронт со напади врз иранската нуклеарна програма.

„Американската војска дејствува побрзо, напаѓа посилно и со помалку ограничувања“, рече професорот Клионад Рали, директор на ACLED, истакнувајќи го интензитетот на кампањите.

Воздушни напади

Трамп инсистира дека неговиот интензивен пристап гарантира „мир преку сила“, фраза што често се поврзува со поранешниот американски претседател Роналд Реган.

„Успехот ќе го мериме не само според битките што ќе ги добиеме, туку и според војните што ќе ги завршиме и, најважно од сè, според војните во кои никогаш нема да влеземе. Ова се нарекува мир преку сила“, рече Трамп за време на инаугуративниот бал, пишува independent .

Тој не изврши напади во Либија или Авганистан, а воздушните напади често се сметаат за алтернатива на испраќањето американски трупи, што го стори поранешниот американски претседател Барак Обама.

Извештајот на ACLED беше објавен во услови на тензии во рамките на базата на поддржувачи на Трамп, позната како MAGA, околу тоа дали американскиот лидер воопшто треба да се вклучи во воена интервенција.

Истакнати личности на MAGA, како што е Такер Карлсон, минатиот месец ги критикуваа нападите врз Иран, велејќи дека тие ги кршат изолационистичките ветувања на Трамп „Америка на прво место“.

Марџори Тејлор Грин, влијателна лојалистка на MAGA, изјави дека постои „огромен јаз“ во рамките на базата и дека е „презаситена“ од странско мешање.

„Бев избрана врз основа на истите ветувања како и претседателот Трамп. Ветивме: нема повеќе странски војни, нема повеќе промена на режими“, тврдеше таа.

Сепак, анкетите покажуваат дека Трамп продолжува да има силна поддршка: 84 проценти од поддржувачите на MAGA ја поддржуваат кампањата за напад, од кои 70 проценти силно ја изразуваат оваа поддршка.

За споредба, 72 проценти од традиционалните републиканци исто така ги поддржуваат нападите, при што 49 проценти од нив силно ги поддржуваат.

Според професорот Рали, новата статистика покажува дека Америка не се повлекува. „Интервенционистичкиот пристап на Трамп го поставува прашањето: „Дали ова го крши неговото ветување за прекин на војните или воздушните напади се всушност негов метод за нивно избегнување?“ За само пет месеци, Трамп надгледуваше речиси ист број напади како и претходната администрација за четири години. Војската се движи побрзо, удира посилно и со помалку ограничувања. Сирија, Ирак, Авганистан, Јемен, Сомалија, а сега и Иран – сите тие се познати цели, но ова не е приказна за географија, туку за фреквенција.“

Напади во Јемен, Иран, Ирак, Сирија и Сомалија

Најголем број напади е регистриран во Јемен – цели 470 од јануари – насочени против иранските сојузници, Хутите, кои го загрозуваат поморскиот сообраќај во Црвеното Море.

И покрај интензивното бомбардирање, Хутите успеаја да потонат два брода минатата недела, предизвикувајќи штета на американската војска од над милијарда долари.

Целиот свет со загриженост го следи развојот на нова криза на Блискиот Исток. Иако Иран и САД започнаа разговори за иранската нуклеарна програма, досега нема никаков напредок.

Во јуни, по избувнувањето на нов конфликт меѓу Израел и Иран, Трамп изврши серија напади врз нуклеарни постројки во Иран, вклучувајќи го и добро познатиот комплекс Фордоу, кој се наоѓа длабоко под планина.

Нападот беше извршен со помош на бомбардери Б-2 и бомби за уништување бункери ГБУ-57, но првичните проценки за штетата се контрадикторни – Трамп тврди дека ја уништил програмата, додека Пентагон изјави дека последиците биле ограничени.

Белата куќа инсистира дека Трамп спроведува политика на „мир преку сила“ и дека ги штити американските интереси без да се вклучува во нови копнени војни.

Но, професорот Рали предупредува: „за цивилите ова значи нов бран опасност. За сојузниците, тоа предизвикува загриженост поради непредвидливоста. А за пратениците, тоа е сигнал за зголемена извршна моќ“.

Таа додава дека „прашањето е: Дали Трамп брзо ескалира за да спречи војни – или ова е враќање кон политика на висок ризик и ниска одговорност? Единственото нешто што е сигурно: Америка не се повлекува. Прво напаѓа, а потоа зборува“.