– Ако ме вратите во Белата куќа, ќе бидеме слободна нација. Нивното владеење ќе заврши. Ние веќе не сме слободна земја. Немаме слободен печат и ништо не е бесплатно, рече Трамп на крајот на тридневниот десничарски собир во близина на Вашингтон.
Во голем дел од својот говор Трамп ги навредуваше политичките противници од левата и десната страна на политичкиот спектар, претсавувајќи се себеси како единствената личност која може да ја направи Америка повторно голема.
– Целосно ќе ја уништам длабоката држава. Ќе отпуштам неизбрани бирократи и сили во сенка. Болни луѓе, тоа се болни луѓе, рече Трамп.
Тој го повтори своето тврдење дека победил на претседателските избори во 2020 година, но победата му била украдена, при тоа не пропуштајќи да ги нападне поранешниот претседател на Претставничкиот дом, Пол Рајан, неговиот некогашен советник Карл Роув и поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш, кои доаѓаат од редовите на неговата Републиканска партија и кои ги оквалификува како чудни, неоконзервативци, фанатици кои се залагаат за отворени граници и будали.
Тој, исто така, го критикуваше лидерот на републиканското малцинство во Сенатот, Мич Меконел, нарекувајќи го „политичар кој ја сака Кина“, а окружниот обвинител на Менхетен, Алвин Брег, го обвини дека е ,,слаб на криминал.”
Инаку, Канцеларијата на Браг ги истражува исплатите што Трамп и’ ги дал на поранешната порно ѕвезда Сторми Даниелс по нивната наводна афера.
– Тој расистички јавен обвинител го туркаат радикалните леви демократи, медиумите за лажни вести и Министерството за „неправда“, за да ме обвинат за непостоечката стара приказна за Сторми Даниелс. Нема афера, нема афера. Нема кривично дело, рече Трамп говорејќи за Браг, кој е Афроамериканец.
Тој во нападите не ја одмина ниту државната обвинителка на Џорџија, Фани Вилис, која води истрага неговите обид да ги поништи изборите во оваа американска сојузна држава. Истрагата започна по објавувањето на снимен телефонски разговор на Трамп со државниот секретар на Џорџија, во кој тој бара од него да му „обезбеди“ гласови за победа.
Трамп не ја одмина ниту надворешната политика, ветувајќи дека ќе го прекине учеството на САД во странски војни и ја исмеваше одлуката на актуелниот претседател Џо Бајден за повлекување на американските војници од Авганистан.
Тој ја оквалификува сегашната администрација на Бајден како „најкорумпирана во историјата“.
– Џо Бајден е криминалец, рече Трамп. Пред учесниците на собирот на ЦПАЦ, Трамп рече дека ќе ги зајакне САД со тоа што ќе ги принуди земјите што добиваат американска воена заштита да му дадат приоритет на купувањето американски производи.
Трамп вети и дека ќе го доврши она што го започнал, доколку биде реизбран за претседател.
– Ќе го завршиме тоа што го започнавме. Ќе ја завршиме мисијата. Оваа битка ќе ја доведеме до конечна победа, порача тој поздравен со овации на неговите поддржувачи.