Трамп ги суспендираше сите трговски преговори со Канада: „Тие ја копираат ЕУ, очигледен напад врз нашата земја“

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека веднаш ги прекинува трговските разговори со Канада, бидејќи земјата сака да започне со спроведување на даночни политики насочени кон големите технолошки компании.

Најновиот потег, кој тој го објави на социјалните медиуми, доаѓа во време кога соседните земји работат на постигнување трговски договор до средината на јули.

Двете земји воведоа царини на стоките една од друга откако Трамп започна трговска војна претходно оваа година и се закани дека ќе ја анектира Канада користејќи „економска сила“.

Во петокот, американскиот претседател изјави дека ги откажува разговорите поради, како што рече, „неверојатен данок“ врз технолошките компании. Тој рече дека ќе објави нови царини за стоки што ја преминуваат границата во наредните недели.

„Тукушто бевме информирани дека Канада, земја со која е многу тешко да се тргува, вклучувајќи го и фактот дека со години им наплаќаат на нашите земјоделци царини од 400 проценти за млечни производи, штотуку објави дека ќе воведе данок на дигитални услуги на американските технолошки компании, што е директен и очигледен напад врз нашата земја.

„Тие очигледно ја копираат Европската Унија, која го направи истото и моментално разговара со нас. Поради овој скандалозен потег, ги прекинуваме сите трговски разговори со Канада. Ќе ја известиме Канада за царината што ќе ја плаќаат за работење со Соединетите Американски Држави“, рече Трамп.