Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се воведуваат ограничувања за виза за странски студенти кои планираат да студираат на Харвард.
Со ова, Трамп продолжи да ги интензивира репресиите на неговата администрација врз високото образование.
„Утврдив дека е потребно да се ограничи влезот на странски државјани кои сакаат да влезат во Соединетите Држави единствено или главно со цел да учествуваат во студиска програма на Универзитетот Харвард или во програма за размена организирана од Универзитетот Харвард“, се вели во соопштението на Трамп.
Наредбата важи шест месеци. Доколку администрацијата на Трамп утврди дека влезот на одредени студенти е „од национално значење“, тие ќе бидат ослободени од наредбата.
Ве потсетуваме дека во мај, администрацијата на Доналд Трамп објави дека ја запира можноста Универзитетот Харвард да запишува меѓународни студенти.
„Оваа администрација го смета Харвард за одговорен за поттикнување насилство, антисемитизам и координација со Кинеската комунистичка партија на својот кампус. За универзитетите е привилегија, а не право, да запишуваат странски студенти и да ја користат нивната повисока школарина за да помогнат во пополнувањето на нивните мултимилијардерски фондови. Харвард имаше многу можности да го стори правилното“, изјави во тоа време министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем.