Американскиот претседател Доналд Трамп побарал од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја прекине војната во Газа и да престане да се заканува со напад врз Иран, дознава Си-Ен-Ен, повикувајќи се на извор запознаен со разговорот.
Двајцата лидери разговараа по телефон во понеделник, а Трамп подоцна рече дека разговорот поминал „многу добро, многу непречено“.
Повикот до Израел да го промени курсот доаѓа во време кога Вашингтон се обидува да постигне нуклеарен договор со Иран и да води индиректни разговори со Хамас за прекин на огнот во Газа.
Нетанјаху ги собра највисоките министри синоќа откако, според соопштението од неговиот кабинет, беше постигнат „одреден напредок“ во преговорите за прекин на огнот, за да ги информира за состојбата на преговорите и следните чекори.
Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, претходно изјави дека е постигнат напредок во разговорите, кои вклучуваат и враќање на заложниците од Газа, но предупреди да не се преувеличува напредокот.
Треба да се потсетиме дека Хамас во четврток објави дека останува отворен за американскиот предлог за прекин на огнот, но бара посилни гаранции против израелските напади. Висок функционер на Хамас, Калил Ал-Хаџа, рече дека движењето не го отфрлило предлогот, туку наместо тоа поднело амандмани со кои се повикува на посилни безбедносни гаранции. Хамас бара секој договор да вклучува траен крај на војната во Газа и повлекување на израелските сили.
Трамп и Нетанјаху сè повеќе се во конфликт околу војната во Газа, која трае повеќе од 20 месеци, според Си-Ен-Ен.
Нетанјаху инсистира на целосно разоружување и отстранување на Хамас, додека Трамп повикува на крај на војната и предупредува дека продолжувањето на конфликтот ќе ги отежни преговорите со Иран и Саудиска Арабија и нормализацијата на односите во регионот. Трамп, исто така, го замоли Нетанјаху да престане да упатува јавни закани за напад врз нуклеарните постројки на Иран и да престане да протекува информации за тие планови.
Според извори, Трамп јасно ставил до знаење дека нападот врз Иран не е опција додека траат преговорите.
Овие несогласувања го истакнуваат растечкиот јаз меѓу политиките на САД и Израел на Блискиот Исток, особено додека администрацијата на Трамп се стреми да ги прошири Абрахамовите договори и да ги продолжи преговорите со Иран, но и додека израелската војска ги интензивира нападите врз Газа.
Американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, изјави оваа недела дека решението за две држави повеќе не е цел на американската политика, што дополнително ги затегнува односите со Палестинците.