Американскиот претседател Доналд Трамп им го честиташе Денот на државноста на српскиот претседател Александар Вучиќ и на граѓаните на Србија, нагласувајќи дека со нетрпение очекува натамошно зајакнување на партнерството и заедничките напори за унапредување на стабилноста и економскиот развој на Западен Балкан.
„Почитуван претседателе Вучиќ, во името на народот на Соединетите Американски Држави, вам и на граѓаните на Србија ви упатувам најискрени честитки по повод Денот на државноста.
„Со нетрпение очекувам дополнително да го зајакнеме нашето партнерство, надградувајќи ги сè посилните врски меѓу нашите земји, за да можеме заеднички да придонесеме за поголема безбедност и напредок за граѓаните на Србија и САД“, рече Трамп во честитката.
Тој истакнал дека е задоволен од сѐ поинтензивната соработка и новите можности за взаемни инвестиции во значајни сектори како технологијата и енергетиката.
„Ние многу го цениме значајниот придонес на Србија за меѓународната безбедност, без разлика дали тоа е поддршка на народот на Украина во нивната одбрана од руската агресија или придонесот на Србија во бројните мировни мисии ширум светот“, рече американскиот претседател.
Тој додаде дека со нетрпение очекува и заеднички напори за унапредување на стабилноста и економскиот развој на Западен Балкан.
„САД целосно ја поддржуваат континуираната интеграција на Србија во евроатлантскиот простор, како и нејзините напори за промовирање на мирни и просперитетни односи со своите соседи и партнери во регионот“, нагласи Трамп во честитката до српскиот претседател Александар Вучиќ по повод Денот на државноста.