Трамп: Значително ќе ги намалиме царините за Кина, но тие нема да одат на нула

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера сигнализираше можност за олеснување на трговската војна со Кина, велејќи дека високите царини за кинеските стоки „значително ќе се намалат, но нема да бидат нула“.

На прес-конференцијата во Белата куќа, Трамп го омекна својот претходен остар тон по неколкунеделните одмазднички мерки кои донесоа царини за кинески стоки до 145%.

„145% е многу високо и нема да остане на тоа ниво“, рече Трамп, одговарајќи на прашања на новинарите во Овалната соба.

,,Нема да биде блиску до тоа. Значително ќе се намали. Но, нема да биде нула“.

Бесен: Трговската војна е неодржлива

Изјавите на Трамп уследија по коментарите на министерот за финансии Скот Бесент, кој претходно истиот ден рече дека сегашните царини меѓу САД и Кина практично ја блокираат трговијата меѓу двете земји.

Бесент на конференција за приватни инвестиции организирана од JP Morgan Chase рече дека верува оти трговскиот конфликт со Кина е неодржлив и дека очекува конфликтот наскоро да се деескалира, потврди за CNN извор запознаен со неговите изјави.

Наместо целосна поделба, Бесент им рече на инвеститорите дека целта е да се балансираат трговските односи – оценка што дополнително го поттикна оптимизмот на берзите. Откако неговите изјави излегоа во јавноста, сите три главни американски берзански индекси ги достигнаа највисоките дневни нивоа.

Берзите растат, Кина останува цврста

Оптимистичкиот тон од Вашингтон се прелеа и на азиските пазари: Хонг Конг Ханг Сенг порасна за 2,5%, јапонскиот Никеи 225 за 2%, а корејскиот Коспи за 1,5%.

САД и Кина, двете најголеми економии во светот, досега воведоа рекордни царини една на друга, потресувајќи ги глобалните берзи, нарушувајќи ги синџирите на снабдување и зголемувајќи ги стравувањата од рецесија.

Кина досега задржа цврст став и продолжи со контрамерки: царините за американските стоки се зголемени на 125%, сè повеќе американски компании се додаваат на листата на несигурни субјекти, а ограничен е и извозот на критичните минерали што се користат во производството на iPhone и воени системи.

Покрај тоа, Кина го ограничи прикажувањето на холивудските филмови во своите кина и врати најмалку два Боинга кои беа наменети за кинеските авиокомпании.

„Ќе бидеме многу љубезни“

И покрај трговските тензии, Трамп постојано тврдеше дека има „многу добри односи“ со кинескиот претседател Си Џинпинг и дека го чека неговиот одговор. Според извештајот на CNN, тимот на Трамп нема да го направи првиот потег.

Наместо да преговара со Трамп, Си Џинпинг започна дипломатска офанзива со другите трговски партнери, сакајќи да се спротивстави на притисокот на САД.

Вчера Трамп повторно изрази надеж за преговори со Си и најави помирувачки тон:

„Не, не, ќе бидеме многу добри. Тие ќе бидат многу добри, и ќе видиме што ќе се случи“, рече Трамп на прашањето дали САД ќе играат цврсто со Кина или со Си и дали пандемијата „Ковид-19“ ќе биде спомната во разговорите.

„На крајот на краиштата, тие ќе мора да склучат договор. Во спротивно нема да можат да работат во САД, а ние сакаме да бидат вклучени“.

„Мислам дека ќе живееме многу среќно заедно и, идеално, ќе работиме заедно. Верувам дека ќе испадне многу добро.”

Кина бара еднаквост и почит

Кинеската страна продолжува да ја остава отворена вратата за преговори, но под услов тие да бидат рамноправни.

Извор близок до кинеската влада изјави за Си-Ен-Ен дека Кина е подготвена за разговори, но само доколку тие се засноваат на „почит“, доследност и реципроцитет, квалитети кои според нив недостигаат во пристапот на Трамп.

Пред Трамп да ги објави новите царини на 2 април, Пекинг веќе имаше одредено лице за преговори, но не беше јасно кој ќе ги води разговорите на американската страна. Според истиот извор, Трамп сака да биде главен преговарач, што не е компатибилно со начинот на кој Кина ги води билатералните односи.

Изворот, исто така, изјави дека молкот на Трамп за суровите и често непријателски ставови на членовите на неговата сопствена администрација кон Кина подразбира негово премолчено одобрување, и покрај изјавите дека го почитува и цени претседателот Кси.

Пекинг на почетокот на месецот остро реагираше на изјавите на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, кој во едно интервју ги спомна „кинеските селани“, што предизвика бран на гнев и потсмев на кинеските социјални мрежи.