Белата куќа и’ нареди на американската војска да подготви опции за зголемување на бројот на американски војници во Панама со цел да се постигне целта поставена од претседателот Доналд Трамп, а тоа е да го „врати“ Панамскиот канал под американска контрола.
Ова ексклузивно го објави NBC News, повикувајќи се на двајца американски претставници запознаени со плановите.
Се потсетува дека во минатонеделното обраќање пред Конгресот, Трамп најави дека неговата администрација ќе го „обнови Панамскиот канал“ со цел „понатамошно зајакнување на националната безбедност“ на САД.
Оттогаш никој од американските официјални лица не зборуваше што значи ова „враќање“.
Извори на NBC News рекоа дека Јужната команда на американската војска развива потенцијални планови кои се движат од поблиско партнерство со панамските безбедносни сили до помалку веројатната опција американските трупи насилно да го преземат Панамскиот канал.
„Дали ќе се користи воена сила зависи од степенот до кој панамските безбедносни сили ќе се согласат на партнерство со Соединетите држави“, изјавија официјални лица за американската телевизија.
Тие додадоа дека целта на администрацијата на Трамп е да го зајакне американското воено присуство во Панама за да го намали влијанието на Кина во земјата, а особено пристапот на Пекинг до каналот.
Панама и Кина негираа какво било странско мешање во каналот долг 80 километри, чија оперативна независност е запишана во панамскиот устав.
Кинеските власти ги обвинија САД дека користат „принуда“ за да извршат притисок врз панамските власти да ги блокираат проектите за помош на земјата што доаѓаат од Пекинг.
Американски официјални лица изјавија за NBC News дека адмиралот Алвин Халси, командант на Јужната команда на САД, му презентирал нацрт на новата стратегија на секретарот за одбрана Пит Хегсет оваа недела.
Шефот на Пентагон се очекува да ја посети Панама следниот месец.
Официјални лица истакнаа дека американска инвазија на Панама е помалку веројатна и дека опцијата ќе биде сериозно разгледана само доколку зголеменото американско воено присуство во Панама не ја постигне целта на Трамп за враќање на водениот пат под контрола на САД.