Новиот американски претседател Доналд Трамп предизвика многу реакции со неодамнешните изјави за една необична можност: сојузот на Канада со Соединетите Американски Држави како 51-ва држава.
Во пораката објавена на платформата Truth Social, 78-годишникот покрена економско и стратешко прашање кое, според него, заслужува сериозно внимание.
„Никој не може да одговори зошто ја субвенционираме Канада во износ од над 100 милиони долари годишно? Нема смисла! Многу Канаѓани сакаат Канада да стане 51-та земја. Тие би заштедиле многу на даноци и воена заштита. Мислам дека тоа е одлична идеја. 51-та држава!!!“, напиша Трамп на својата платформа, сугерирајќи дека оваа промена ќе донесе придобивки за американската економија, но и за канадската.
Оваа изјава поттикна жестока дебата на двете страни на границата. Поддржувачите на идејата тврдат дека интеграцијата на Канада со САД значително ќе ги намали воените трошоци за Канаѓаните и ќе создаде нови економски можности за двете земји. Според нив, ваквата унија би можела да ја зајакне стратешката и политичката позиција на регионот во глобалната арена.
Од друга страна, критичарите на оваа идеја ја нарекоа нереална и против културата и националниот идентитет на Канада. Канадските политичари и граѓани кои се против идејата истакнуваат дека Канада има долга историја на независност и политички, културен и социјален систем целосно одвоен од американскиот.
Во меѓувреме, политичките аналитичари сметаат дека оваа изјава на Трамп можеби е повеќе провокација за привлекување внимание, отколку вистински политички план. Вклучувањето на Канада како нова држава во САД ќе бара комплицирани правни процеси, референдуми и долги преговори, што многу експерти го сметаат за невозможно.
Сепак, изјавата на новиот претседател отвори ново поглавје на дискусии за односите меѓу двете соседни земји и за економското влијание што тие имаат една врз друга.
Дали оваа идеја ќе остане само реторика на американската политика или ќе донесе конкретни промени? Времето ќе покаже.