Трамп испраќа повеќе војници во Лос Анџелес додека протестите се интензивираат

Американскиот претседател Доналд Трамп распореди дополнителни 2.100 припадници на Националната гарда и 700 американски маринци, во она што властите го нарекоа Работна група 51, чија цел е „да обезбеди континуирано покривање на областа“, додека немирите во Лос Анџелес продолжуваат четврти ден по ред.

Тензиите меѓу властите во Вашингтон и Калифорнија се зголемија откако демонстрантите излегоа на улиците во знак на протест против серијата апсења од страна на Службата за имиграција и царина на САД (ICE), кои првенствено беа насочени кон работниците мигранти во Лос Анџелес.

Првично мирните протести станаа насилни откако се зголемија тензиите, што ги натера органите за спроведување на законот да употребат солзавец и гумени куршуми и да го затворат центарот на Лос Анџелес како „нелегално место за собирање“, пишуваат странските медиуми, според Телеграф.

Трамп оттогаш распореди околу 2.000 војници од Националната гарда на САД за да го одржуваат редот против, како што ги нарече, „насилни луѓе“.

Доцна во понеделник, гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, изјави дека бил информиран дека дополнителни членови на Националната гарда се на пат.

Њусом го нарекува присуството на војници на улиците на Лос Анџелес „нелегално и неморално“.

Во објава на X, тој рече дека активирањето на американските маринци во Лос Анџелес е „луда фантазија“, нарекувајќи го Трамп „диктаторски претседател“. „Ова е неамериканско“, додаде Њусом.

Трамп возврати, велејќи дека градот ќе беше „тотално уништен“ доколку не испратил членови на Националната гарда.

„Ви ветувам дека ќе бидат погодени посилно од кога било досега“, рече тој во објава на неговата платформа, Truth Social.

„Поништете ја наредбата. Вратете ја контролата на Калифорнија“, побара Њусом во објава на платформата на социјалните медиуми X.

Се чини дека ова е прв пат по децении Националната гарда на една држава да биде активирана без барање од нејзиниот гувернер.

Њусом, во разговор за локалните медиуми, објави дека неговата држава ќе ја тужи администрацијата на Трамп.